ЕДИТОРИЈАЛ

Бесмислени контрапротести

Гордана Дувњак

По добро испробаниот рецепт „раздели, па владеј“, власта се обидува да ги разбие младинските протести. Не им е доволно што групата млади луѓе, потпомогнати од недоволен број возрасни, полека ја губи кондицијата. Не ги задоволува ни тоа што стануваат се' помалобројни на собирното место и како да немаат идеја како да продолжат натаму. Решиле по секоја цена да вбризгаат отров на сомнеж и да им ја извалкаат чистотата на протестите.

Она што упорно се прави е обид за обезвреднување и за дикредитирање на протестите, давајќи им партиска боја. Се заборава дека политичкото, па дури и партиско ангажирање за одредена легитимна цел, само по себе не е никаков смртен грев. Дека присуството на сите добронамерни луѓе, во кои ќе проработи здравиот разум и чувството за неправда, не само што е очекувано, туку и посакувано. Па, оттаму не смее да се сатанизира. Бидејќи, секој има право слободно да го искаже својот револт и незадоволство поради одредена негативна појава. Не само поединци, припадници на различни здруженија и групации, туку дури и политички партии.

Овде се прави класична замена на тези, со која се изместува тежиштето. Станува побитно, па дури и суштинско кој протестира наместо за што се протестира. Сосема очекувано, ваквата манипулација даде плод, па кутрите млади луѓе сега ја ишкаат мувата и тогаш кога не ги лази. Уплашено и помалку немоќно бараат да бидат ослободени од политички влијанија. Партиите да ги остават намира и да не им ги валкаат протестите. Забораваат дека на ваков начин обесхрабруваат многу луѓе, на кои иако им е местото на протестите, сепак, свесно одлучуваат да не им се придружат и да ги поддржат. Демек, да не им одмогнат на младите и да ги поштедат од непотребни етикетирања. Но, брзо сфаќаат дека оној што сака да оцрни некого, лесно ќе најде причини за тоа и виновници. Дури и ако тие решиле да си останат дома и од балкони да ги следат протестите.

Само во Македонија и на ниедно друго место во светот на легитимни протести се парира со контрапростести. Без јасно искажан став, без конкретни барања и со собирања на погрешно место. Протести заради протести. Најновиот „бисер“ е што група „протестанти“, решила да земе транспаренти в раце и да негодува пред вратите на опозициската СДСМ. Слично како кога „Жртвите на транзицијата“, протестираа затоа што Бранко Црвенковски повторно стана опозициски лидер. Кога квазилозарите се собираа на „Бихаќска“ кога лажните сточари довлечкаа крави или група Роми од Шутка негодуваа поради расипаното млеко на Самка Ибраимовски. Уште некој да ги прашаше што, всушност, бараат?Како мислат дека опозицијата може да им ги реши проблемите кога полугите на власта се во рацете на оние што ја водат државата, а не кај оние што ги изгубиле изборите.

Младите протестанти уште во првите неколку дена испорачаа јавни и јасни барања до оние што ги сметаат за одговорни за бруталното убиство на 22-годишниот Мартин Нешкоски. МВР возврати со потценувачки одговор дека одговорноста е индивидуална и му припаѓа на извршителот- специјалецот „тигар“ Игор Спасев.

Наместо да се користат подмолни методи за дискредитација на протестите, МВР да се насочи на она што се очекува од него за да може да се расветли еден ваков брутален случај. Јавноста уште очекува одговор зошто се молчеше два дена за убиството, кој се обиде да ги скрие убиецот и настанот, кој му издаде усна наредба на специјалецот и, конечно, што треба уште да се случи за министерката за полиција Гордана Јанкулоска конечно да си даде оставка. Како морален чин за она што и' се случува во ресорот.


#