Премиерот експресно најде вицепремиер
Новиот вицепремиер Васко Наумовски, најверојатно, ќе биде избран идната недела
Оливера Војновска
Многу брзо по обелоденувањето на оставката на вицепремиерот за европски прашања, Ивица Боцевски, премиерот Никола Груевски ја расчисти мистеријата околу неговиот наследник, определувајќи се оваа функција да му ја понуди на Васко Наумовски, доцент на Универзитетот Њујорк, по меѓународно право и политика.
Изборот на Наумовски, најверојатно, ќе се случи наредната недела во Собранието, во пакет со констатирањето на оставката на Боцевски. Европската комисија деновиве му порача на Груевски поскоро да го пополни овој значаен владин сектор.
Наумовски има 29 години и во неговата биографија е запишано дека магистрирал во Германија на тема европско право, а неодамна одбранил и докторат на Правниот факултет во Скопје на тема за проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан. Младиот доктор на науки не е член на ВМРО-ДПМНЕ, но важи за близок на Груевски. На јавноста и' е познат како познавач на евроинтегративните процеси, а се произнесувал и за други актуелни теми. Наумовски ја бранеше владината идеја за црква на скопскиот плоштад и во колумни заговараше забрана на абортусот.
Сепак, со пополнувањето на испразнетото заменичко место во Владата, остана енигмата дали Груевски ќе прави летна реконструкција или проветрувањето на владиниот кабинет ќе го остави наесен. Партиски извори уверуваат дека отпаѓаат најавите за реконструкција и засега нема да има поголеми промени во Владата. Неофицијалните информации говорат дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договориле да не се бранува јавноста дополнително, а доколку, сепак, се случи некакво рекомпонирање на владиниот кабинет, коалициските партнери да ги задржат ресорите.
Членот на Претседателството на ДУИ, пратеникот Сафет Незири, информациите за владина реконструкција ги квалификува како шпекулации. „Досега немало официјални разговори за реконструкција. Ние сме задоволни од работата на министрите на ДУИ. Сите имаат резултати во ресорите со кои раководат, независно дали повеќе или помалку медиумски се експонираат“, ни изјави Незири.
Лидерот на Нова демократија, Имер Селмани, кој вообичаено е воздржан во однос на владините проекти, особено во однос на потезите кои ги влече неговиот поранешен шеф, премиерот Груевски вчера излезе со сериозни критики околу оставката на Боцевски. „Со оставката се испраќа една лоша порака во моментот кога очекуваме позитивен извештај за отпочнување на преговорите со ЕУ и визната либерализација. Мислам дека за оваа работа треба да се подзамислат политичките партии во власта. Постоеше една доза голема нетранспарентност околу преговорите за НАТО и ЕУ. Нешто што можеби неколку месеци се случува внатре во Владата, сега кулминира со една таква состојба кога првиот човек дава оставка“, изјави Селмани.
Тој вчера беше прилично експлицитен дека неговата партија нема да стане дел од власта. „Апсолутно не преговараме, ниту имаме намера да разговараме за влегување во Владата. Нова демократија може далеку повеќе да придонесе како конструктивна опозицска партија“, тврди Селмани.
Според Либерално-демократската партија, пак, оставката на Боцевски нема да промени ништо во исполнувањето на обврските што треба да ги направиме за интегрирање во ЕУ. „Во изминативе три години се покажа дека европските интеграции не се високо на листата на приоритети на оваа Влада и воопшто не е важно дали на чело на Секторот за евроинтеграции е Боцевски или, Наумовски, или некој друг се' додека овие прашања не се вратат на врвот на приоритетите“, констатира Едмонд Адеми на вчерашната прес-конференција. Според него, оставката на Боцевски ќе имала ефект доколку ја поднел кога со последниот ребаланс на буџетот за 32 отсто била намалена владината програма „интеграции во Европската унија“.
СДСМ завчера побара одговор од Груевски за вистинските причини за заминувањето на Боцевски. Социјалдемократите повлекувањето на вицепремиерот го лоцираа во наводни негови тајни контакти со грчки дипломати. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека тоа се шпекулации. |