Заканувачки вежби во Лерин

Станко Георгиевски, Скопје

Словото на поглаварот на МПЦ , архиепископот Стефан, на молебенот на гробот на сесловенскиот просветител свети Кирил во Рим, во кое наведе дека Грција практично ги негира постоењето на македонската нација и црква, предизвика оркестрирана хистерија на Атина. И наспроти посочените историски факти, како и фактите за сегашната состојба со непризнавањето на македонското малцинство во Беломорска Македонија и непризнавањето на македонскиот јазик, битно било само реченото „...Солун е наш..“ . и започнува фронтален напад кон „иредентистичка“ Македонија.

Околу средината на мај локалниот Баталјон на националните бранители ги повикал сите „национал-бранители“, но и заинтересираните граѓани од општина Лерин на „програмирано образовно стрелање со пушка Г3 А3/А4“. Инаку, публицитетот за оваа манифестација бил целосно организиран преку локалните медиуми во Лерин, како и со плакати по улиците низ градот. А, како главна мамка за овој настан организаторите наголемо го најавувале „бесплатното јадење и доделување спомен-плакети“ и на крајот, за да не заборават, колку за потсетување, следувале изјавите дека „Македонија е една и е грчка“.

За да нема забуна, според законот на јужниот сосед, „Националната гарда е воена сила што се формира заради справување со вонредна национална опасност, вообичаено надворешна“. Освен тоа, според Законот 1295/1982, Националната гарда се смета за „инструментална вооружена сила на грчката армија“.

Е, за да (им) ги разјаснат работите, претставниците на Виножито - партија на Македонците во Беломорска Македонија свиткува табак и се обраќа до министерот за одбрана на владата на Атина. Меѓу другото, таму се вели: „Која е причината за постоењето на Баталјонот на Националната гарда на Лерин во 2008 година, во момент кога и во други слично национално „сомнителни“ региони (како што е тоа во Сапес Родопис) е расформиран? Од што се плаши Грција? Од која „надворешна национална опасност“ ги брани именуваниот баталјон жителите на општината? Можеби од нив самите? Дали е информиран министерот за национална одбрана за активностите и за идеологијата на именуваниот баталјон и ако - да, дали ги одобрува? Според која логика се бара од даночниот обврзник да плаќа за да се организираат борбени фиести со храна и малку национализам.

Однапред знаеме дека овие прашања нема никогаш да бидат одговорени. Па, сепак, уште еднаш го повикуваме министерот за национална одбрана и сите други грчки политичари, кои со огромна дрскост и лицемерство ја обвинуваат Република Македонија за „иредентизам“, нека фрлат еден поглед прво во својот двор.