Пратеници си ги вработувале сопружниците

Што е пресудно за добивање работно место во државната администрација? Според потпретседателот на Собранието, Јани Макрадули, најдобра пропусница за вработување во јавната администрација е роднинска врска со пратеници од власта или со обезбедувањето на директорот на УБК, Сашо Мијалков. „По таа линија во Министерството за култура е вработена сопругата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Горан Ѓуровски, а сестрата на Ален Зекиров добила работно место во Генералниот секретаријат на Владата. Колку пари исправте преку ’ Аналитико’ за да ја вработите сестрата на поранешниот директор на Миле Јанакиески, Гордана Јанкуловска и Мартин Протоѓер“, го праша Макрадули премиерот Никола Груевски на вчерашната седница за пратенички прашања.

На Груевски не му беа познати случаите што ги посочи Макрадули, но знае за такви примери од времето на владеењето на СДСМ и ги посочи пратениците Радмила Шекеринска и Игор Ивановски, кои според него ја искористиле функцијата за да вработат свои блиски од семејството. На ова Макрадули возврати дека премиерот пласира неточни информации, бидејќи „луѓето таму работат уште пред да се роди Груевски“.

Макрадули го праша премиерот, но не доби одговор за тоа дали знае „дека надвор од законите градоначалникот на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, со помош на министерот Миле Јанакиески дал одобрение за пренамена на една зграда од 400 квадратни метри со четири ката, на 800 квадратни метри и десет спрата, од што е остварен дополнителен профит од 3,6 милиони евра за фирмата-изведувач“.

„Ниту можам ниту сакам да одговорам. Јас не сум градоначалник, туку премиер. Не можам да ги следам чекорите на секој градоначалник, а уште помалку имам намера да одговарам за нивните чекори. Доколку има конкретно што да праша, прашањето треба да го постави преку институтот советнички прашања во општината“, одговори Груевски. (О.В.)


#