16.01.2012, 17:27 Македонија очекува креативност од ЕУ
Директорот за проширување на ЕК, Стефано Санино, вчера беше во Скопје
Во 2012 година Македонија очекува креативност од Брисел во изнаоѓањето решение за нашето зачленување во Европската унија. Тоа на директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија, Стефано Санино, му го соопштиле петтемина министри на заедничката средба вчера во Скопје. Со Санино разговарале вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи и министрите за внатрешни работи, за правда, за надворешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска, Блерим Беџети, Никола Попоски и Миле Јанакиески.
Главна тема на разговорите биле реформите во 2012 година - судството, јавната администрација, борбата против организираниот криминал и корупцијата и прашањата во врска со слободата на медиумите.
„Останува силната и стратегиска ориентација кон побрзо интегрирање на Македонија во Европската унија. Веруваме дека ЕУ ќе продолжи да биде наш силен партнер и дека ќе покаже креативност во однос на наоѓање решение за забрзување на процесот на проширување и на членството на Македонија во Европската унија“, изјави Арифи по средбата.
Санино ги повтори вообичаените изјави дека стратешка ориентација на ЕУ е колку што е можно побрза и целосна интеграција на Македонија во Унијата. „Се надеваме дека во 2012 година ќе завршиме колку што е можно повеќе работи, да затвориме колку што е можно повеќе прашања на дневниот ред за колку што е можно побрзо пристапување на Македонија кон Европската унија“, рече Санино.
Тој посочи дека заедно со Владата е изготвен Акцискиот план, односно утврдени се приоритетните активности што ќе се спроведуваат во следните неколку недели и месеци. „Ја почнувам посетата на регионот од Македонија и се надевам дека ќе се постигне поголем прогрес во однос на интеграцијата на земјата во ЕУ оваа година“, рече Санино.
Запрашана дали ЕУ-интеграцијата останува стратешки приоритет на Владата по изјавите на премиерот Никола Груевски, вицепремиерката Арифи нагласи оти нема дилеми во однос на овој процес. „Најбитна и најзначајна ориентација се ЕУ-интеграциите. Тоа го докажуваме со нашите активности“, посочи Арифи.
Претходно министерот за надворешни работи Никола Попоски посебно се сретна со Стефано Санино. На средбата, како што соопшти МНР, Попоски ја нагласил потребата од одржување на кредибилитетот на процесот на проширување со оглед на фактот дека Македонија не доби датум за почеток на пристапни преговори и покрај препораката од Европската комисија. Ова, заедно со избегнувањето на употребата на придавката „македонски“, доведе до значителен пад на довербата во европските институции кај македонската јавност (според последното истражување на Евробарометар).
Попоски очекува премин на Македонија во втората фаза на имплементација на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, признавање на статусот на „функционална пазарна економија“ и употреба на придавката „македонски“ според праксата во Обединетите нации. Министерот Попоски нагласил дека Македонија доследно ќе ги почитува одредбите за визниот режим со ЕУ. Директорот Санино изрази големи очекувања од пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ, кој треба да се одржи во периодот февруари-април оваа година. Тој се согласи дека Македонија ги исполнува главните претпоставки за добивање статус на „функционална пазарна економија“ и нагласи дека ЕК уште еднаш ќе се наврати на ова прашање со вклучување на ЕКОФИН, соопшти МНР. (Н.Р.) |