Признавањето од Сирија дипломатски удар за Грција
„То вима“ бара преиспитување на принципот ерга омнес за името на Македонија
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Одлуката на Сирија да го признае уставното име на Македонија ја вознемири грчката опозиција, која претходно излезе со поддршка на црвените линии на владата на Јогрос Папандреу во спорот за името. За Нова демократија признавањето од страна на Сирија е сериозен пораз на грчката дипломатија.
„Надворешната политика не е само односи со јавноста и комуникација, не е оставање впечатоци. Како Грција ќе ја игра улогата на посредник кога не е во можност самата да се заштити“, изјави потпретседателот на Нова демократија, Димитрис Аврамопулос. За Нова демократија ова е неприфатлив развој на настаните, бидејќи Сирија е држава, која долги години ги поддржуваше грчките позиции и бидејќи се случи кога грчкиот премиер остваруваше многубројни средби со светските лидери обидувајќи се притоа да ги промовира грчките ставови за прашањето околу името.
Инаку, грчкиот став кон прашањето за името честопати се заснова врз тезата дека е во ред она што се учи во книгите по историја кај нас, но мора да ја разбереме и грчката позиција. Покрај оние што тврдокорно не го даваат името, не е мал бројот на помлади луѓе што ќе ве ислушаат, бидејќи единственото што го знаат за спорот околу името е она што им го презентираат грчките медиуми. А тие ретко кога се ставаат во позиција на македонската страна во спорот. Затоа изненади текстот на „То вима“ во кој таа се зема предвид и се предлага омекнување на грчките позиции, па подготвување на македонската и на грчката јавност за решение.
Според „То вима“, прашањето за името веќе две децении е трн во грчката надворешна политика и причина за внатрешни поделба на оние што не се откажуваат од идејата дека „Македонија е само грчка“ и оние што не се согласни со тоа убедување. „Ако се водиме од логиката црно-бело, тогаш Грција треба да извојува горда победа во замена за отворање на евроатланскиот пат за Скопје. Владата на Костас Караманлис направи отстапка и прифати сложено име со терминот ’Македонија‘, што за грчката страна е доволна отстапка. Сега се' е во рацете на Скопје. Се бара промена на уставното име, но и да не се именуваат јазикот и нацијата како македонски. Ајде да се запрашаме како би реагирала која било држава ако од неа некој бара официјално да го смени уставното име, прашува „То вима“. Весникот препорачува Атина да размисли реално и за принципот ерга омнес, односно дали тој ќе значи употреба на името од сите во меѓународна комуникација или за секаква употреба.
„Можеби наместо промена на уставното име, ќе биде доволна ограничена употреба на новото име во меѓународни рамки? Ова би помогнало Атина да го пренесе решението за името во грчката јавност. Секако дека постои граница до која Папандреу може да е конструктивен. Ако треба да одбере меѓу преговорите и владејачката стабилност, секако ќе го одбере второто. Ова мора да му е јасно на премиерот Никола Груевски“, се вели во весникот.
„Скопје сака да го пренасочи притисокот кон Атина, Папандреу сака да го реши проблемот за да ги избегне притисоците, а големите играчи да ги запечатат отворените фронтови на Балканот“, вели „То вима“ апелирајќи за создавање мирна клима и добро подготвување на народот за решение на проблемот. |