Груевски не му избега на Филип Гордон

Според американскиот функционер, крајно време е да се реши спорот за името
Слободанка Јовановска
Премиерот Никола Груевски не успеа вчера да му избега на американскиот помошник-државен секретар Филип Гордон, кој откако виде дека македонскиот лидер ќе најде илјада причини да не се сретнат во Скопје, ја смени маршрутата и, место да тргне за САД, замина за Загреб.
Таму Гордон сакаше да му ја пренесе лично пораката од Вашингтон дека е „крајно време“ да се реши спорот за името и да се одблокираат евроатлантските перспективи на земјата. Атмосферата околу посетата на Филип Гордон личеше на лов меѓу мачка и глушец, бидејќи премиерот мистериозно не можеше да долета од Мароко во Скопје, иако од средата наутро се отворени аеродромите во таа земја, а успеа да стигне на небитен состанок во Загреб, иако меѓу хрватската и македонската метропола разликата е само еден час. Така што кога утрото слета во прва официјална посета на Македонија, високиот американски функционер начека испревртена агенда, а на неа недостасуваше средба со премиерот, кој е единствен што има моќ да одговори на американските барања.
По средбите со претседателот Ѓорге Иванов и со лидерите на ДУИ и на СДСМ, Али Ахмети и Бранко Црвенковски, Гордон изјави дека САД силно поддржуваат договор за името меѓу Македонија и Грција, но дека на него се чека предолго.
„Силно ги поддржуваме членството на Македонија во НАТО и евроинтеграцијата на земјата. Решението на спорот за името е клуч за да се откочи тоа. Мојата порака е да работите конструктивно со Грција за да се најде решение и да одите напред. Кога ќе се случи тоа САД ќе бидат многу силен поддржувач на договорот“, рече Гордон.
Место Груевски, пораките од власта на Гордон во Скопје му ги пренесе претседателот Иванов, кој му порачал дека високо се цени ангажманот на САД за надминување на спорот, при што Македонија е подготвена за заемно прифатливо решение, но само во рамките на Повелбата, резолуциите на Обединетите нации и на меѓународното право. Според пораката на Иванов, Македонија е таа што е најзаинтересирана за решение, но до него може да се дојде само со почитување на рамката во која се водат разговорите и со искрена политичка волја меѓу двете страни.
„Вашингтон е силно заинтересиран за политичката и за безбедносната стабилност на Македонија и за нејзина успешна интеграција во НАТО и за почнување на преговорите со Европската унија. САД сметаат дека е крајно време да се надмине спорот за името и да се деблокира евроинтеграцијата на земјата“, соопшти лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски, по средбата со Гордон.
На прашањето дали тоа „крајно“ значи дека спорот треба да се реши до јуни, до самитот на Унијата, Црвенковски одговори дека тој рок е веќе нереален, па не бил ни спомнат.
„Периодот до јуни, реално, е краток и дотогаш може само да почне некој процес што ќе значи решавање на спорот. Уште повеќе, ако премиерот Груевски инсистира на одржување референдум, што до јуни не може да се направи. Но, може да биде јасно обнародено дека влегуваме во фаза на решавање на спорот. Од аспект на САД, претпоставувам дека следната одредница за нив е самитот на НАТО во ноември. Дотогаш процесот треба да заврши, што значи дека деновиве треба да почне“, изјави Црвенковски.
Тој извести, исто така, дека со Гордон разговарале за меѓуетничките односи, при што гостинот од САД нагласил дека радикалните и екстремистичките методи се неприфатливи и треба да се направи си', со создавање соодветен политички амбиент, тие да останат изолирани. Тоа што е најдено толкаво количество оружје, според него, говори дека тие структури се активирани и се сериозна закана.
За средбата со Ахмети американскиот гостин соопшти дека му се заблагодарил за конструктивната улога што ја имал во промовирањето на меѓуетничките односи во земјата и на силната изјава на осуда на насилст��ата на границата. „Тоа е нешто што ние во САД силно го осудуваме и тука сум за да изразам силна поддршка од САД за Македонија и за билатералните односи“, порача тој. Конструктивниот Ахмети, пак, го злоупотреби присуството на Гордон давајќи изјава само на албански јазик. (С.Ј.)
|