Живот на чинија: Бубо Каров

Јадам само еднаш дневно - од 14 до 18 часот!

Идеалната третина од „К-15“, Бубо Каров, зборува за својата слабост кон храната, навиките за јадење и омилените специјалитети

Катерина Шекеровска

ДЕТСТВО СО МИРИС НА ПИШИИ

„Гледано од оваа дистанца, сега, се' уште ги чувствувам кујните и тоа на двете баби, но, сепак, најмногу го чувствувам мирисот од нишата на нашата кујна. Тоа е посебен дел каде што беше сместен електричниот шпорет и оттаму, всушност, доаѓаше специфичен мирис. Најомилен мирис ми беше од пишиите. Тоа се кавадаречки специјалитети, слични на мекиците, но многу поубави. До ден денес се' уште не сум почувствувал не само поубав мирис туку и вкус од пишиите на мама.“



АЛЕРГИЧЕН НА ЈАЈЦА

„Како мал се сеќавам дека имав алергија на јајца, а нормално, нели, тоа што е забрането секогаш најмногу ти се јаде и е најслатко. Обожавав јајца и се сеќавам дека имаше ситуации кога мајка ми беше отсутна, а на татко ми му беше најлесно да ни направи јајца за јадење - и уживав. Имаше уште една работа што ја правеше татко ми кога имаше повеќе време и кога мајка ми не беше дома - умееше да зготви многу вкусен ручек, но никогаш не знаеше да го повтори! Вистински мајстор, правеше само уникатни специјалитети!“



МИ СЕ БРОЕЈА РЕБРАТА ВО ОСНОВНО

„Кога сум се родил сум бил малку буцко, иако од мал сум имал склоност кон дебелеење. Потоа имав еден период кога ми се познаваа дури и коските, ребрата, некаде во 7- 8 одд., па се' до прва-втора година средно училиште. Потоа настапи периодот на откривање на тајните на големите мајстори на кулинарството. И така, тајна по тајна, килограм по килограм... Што да правам, таков сум - знам да чувам тајни, но, сакам да ги откривам туѓите тајни...“



БРЗА ХРАНА

„Брзата храна направи да почнам многу лесно да одам во плус. Дојдов како средношколец да учам во Скопје и нормално најлесно ми беше да земам брза храна. Претходно тренирав и кошарка, но по доаѓањето тука, престанав да вежбам, немав тренинзи и натпревари, а јадев повеќе и сето тоа почна да се наталожува, се' повеќе и повеќе... Инвестицијата беше голема во секој случај...“



ЈАДАМ ЕДНАШ - ОД 2 ДО 6 ЧАСОТ

„Порано кога ме прашуваа колку пати јадам - одговарав дека јадам еднаш во денот - од два часот попладне па се' до шест часот, ха, ха, ха! Сега, пак, јадам од два до три пати дневно иако имам препорака и знам дека е добро да се јаде почесто и помалку. Јас пробав да јадам почесто, но не ми успеа да јадам помалку! Затоа се вратив на старата варијанта - јадам двапати, проверена работа! Ако не можам да симнам некој килограм, барем да останам на овие што сум!

Инаку, се' помалку јадам доцна. Во последниве 10 год. не јадам навечер, иако порано најслатко ми беше да јадам по 12 ч., да си ставам столче пред фрижидер и да јадам директно. Тоа ми беше најлошата навика. Успеав да ја искоренам, но како што гледате, нема некоја видлива разлика“.



ОМИЛЕНО ЈАДЕЊЕ ПЛЕСКАВИЦА

„Имам повеќе омилени јадења, но најомилена ми е плескавицата. Со се' ми оди! Пред некој ден бев во едно кафеанче во Сарај каде што одам често и на крајот кога дојде ред за благо, а во моментот немаше од убавата баклава што вообичаено ја прават, им велам како не измислија некоја плескавица полиена со шербет одозгора. Втора работа што ми недостасува, а толку работи измислија во светов, е што нема плескавица во прав или во таблета. Ќе испиеш една-две таблети и не мора да џвакаш. Или шумлива плескавица“.



ИСХРАНА НАДВОР ОД ДОМА

„Знам да приготвам многу јадења - јајца на око, па јајца на око со црн пипер, па со вегета, со оригано, знам и о��ично јајце, па јајце кајгана, па јајце од ној... Во принцип, ретко јадам дома, а што се однесува до готвењето, мојата сопруга знае да готви многу добро, но не обожава да готви. Сосема ја разбирам зашто кога готви никој не јаде - децата јадат кај ќе стигнат, едниот е вегетаријанец, а другиот јаде само одбрани меса - пилешко, рибјо... Дома не сме организирани да ручаме заедно иако јас не пропуштам да пробам, многу голем атерџија сум па и да сум јадел во кафеана, дома задолжително правам атер и каснувам, за атер на софрата и тој што ја спремал“.



ОБОЖАВАМ ТУРЛИ ТАВА

„Обожавам турли-тава која најубаво ја подготвува мајка ми! Инаку, многу сакам и месени, сукани работи, иако почнав да ги избегнувам. Ај што сум дебел - дебел сум, тоа си знам, но почна да ми пречи да се одразува на шеќерот, желудникот потешко ми вари, па сега го терам да ми пече...“



САЛАТИ

„Јадам салати, но не експериментирам многу. Моја салата е шопската, ја јадам со се', ми оди со сите видови плескавици. Салата обично јадам пред јадење, а не со јадење. Не знам да мезам, директно јадам и кога седнувам во кафеана порачувам се' одеднаш за да знам колку имам и што имам. Го обожавам и сосот што го правам со мој сооднос - мешам сенф, пире од домати и диетален мајонез“.



НАЗДРАВУВАМ СО Се'

„Наздравувам со се' што ќе стигнам. Има една турска поговорка која вели дека не се наздравува со чашата, туку со личноста. Не гледам што има во чашата кога наздравувам, иако во последно време тоа е вода. Правам финти - кога сите пијат вино, многу ми е досадно да ме прашуваат постојано зошто пијам вода, па затоа земам кока-кола и ставам во водата. Инаку, порано многу пиев алкохол, па престанав и свртев на газирани сокови. Потоа и тоа ми здосади, па сега сум полу-полу, шприцер со газирани сокови и вода. Уживам да пијам цедени сокови, микс од повеќе овошја“.



СЕ ЗБОГУВАВ СО АЛКОХОЛОТ

Постои ли Кавадарчанец што не пие вино и ракија? Да, еве јас сега, на пример, не пијам, но тоа е зашто ние во Кавадарци многу рано си го испиваме делот. Почнуваме рано и рано завршуваме. Порано кога во Кавадарци им правеле систематски преглед на децата на сите им нашле отечен црн дроб и мислеле дека има епидемија на жолтица, но подоцна се докажало дека тоа е од бабите и дедовците кои уште од мали им давале да лизнат по малку од ракијата и виното, па потоа татковците ќе им стават во мала чашка - ајде дете е, од иштаф нека проба - и на крај, ете ти епидемија.

Ретко, навистина ретко пијам ракија, а кога пијам тоа е една или две чашки, и тоа најчесто е мастика, ама домашна“.



СЛАТКО ОД МЛАДИ ОРЕВЧИЊА

„Од благо многу сакам слатко. Слатко од смокви, од дуњи, лубеница, зрели смокви и од оние малите. Меѓутоа нешто за кое сум спремен да го јадам по секоја цена е слатко од млади оревчиња. А од овие егзотичните слатки што ги има по нашиве слаткарници најмногу обожавам баклава, а од баклавите повеќе ја сакам ролованата со фил, а не онаа со сецкани оревчиња и редени кори, а од тие со редените кори најмногу сакам баклава со мак...“






#