05.10.2012, 18:33

„Едвај спасивме жива глава, во паника бегавме од автобусот“

Возачот на автобусот 22, Зоран Сурлов, раскажува како се случила тепачката меѓу средношколци, во која се повредени три лица

Даниела Трпчевска



„Едвај спасивме жива глава. Патниците викаа во паника, трчаа кон вратите, сакајќи што побрзо да излезат од автобусот. Две групи средношколци се тепаа меѓусебно, извадија и ножеви, се удираа и со тупаници. Потоа почнаа да ги кршат прозорците. Никој не можеше да ги сопре“. Вака возачот на ЈСП, Зоран Сурлов, ја опишува вчерашната тепачка во автобусот „22“, кој сообраќал од Волково кон Центар. Се' уште вознемирен од пладневниот инцидент кој се случил околу 12,30 часот во близина на мостот „Обединети нации“ во населбата Карпош 4, тој вели дека истото го кажал и во полиција, која ги сослушала сведоците на настанот и привела деветмина кои учествувале во масовната тепачка. Тројца од патниците во автобусот се полесно повредени и веднаш се однесени во болница. Кој го предизвикал инцидентот и која била причината за пресметката, која можела да има фатални последици, се' уште е предмет на полициска истрага.

Како што раскажува Сурлов, се' почнало кога автобусот во кој имало патници Албанци од селото Никуштак, се приближил до станицата кај амбулантата во Ѓорче Петров. Во автобусот се качила група од 15-ина средношколци. Тој не знае дали средношколците биле Македонци, оти не ги слушнал на кој јазик зборуваат.

„Само што го поминавме мостот, слушнав трескот и забележав како дел од учениците се туркаат. Еден од патниците ми рече да застанам и брзо да ги отворам вратите. Луѓето беа во паника, викаа и пиштеа исплашени од масовната тепачка која се случуваше. Застанав по семафорите и жените и постарите мажи кои се возеа во автобусот, истрчаа надвор“, раскажува Сурлов.

Но, тоа не ги спречило двете спротивставени групи да продолжат со пресметката. Тие продолжиле да се тепаат се' додека не стигнале полиција и екипи на Брза помош, кои тројцата повредени веднаш ги пренеле во болница.

„Не знам кој го предизвика инцидентот, ниту кој извади ножеви од учениците. Сите гледаа што побрзо да се спасат“, раскажуваат очевидци на настанот.

Според нив, во тепачката учествувале ученици Албанци и Македонци и провокациите упатени од едната кон другата група биле причина да се посегне и по ножевите, кои тие ги носеле во училишните ранци.

„Приведени се девет лица и се работи на утврдување на учесниците и мотивите за инцидентот. На местото на настанот се пронајдени два ножа, кои се земени за вештачење. Тоа треба да покаже дали ножевите биле употребени во тепачката и чии се“, велат во скопската полиција. Повеќето од приведените се малолетници.

Според информациите на МВР, во инцидентот се повредени патниците Ј.Е. (17), В.Г. (65) и А.М. (23), кои се пренесени во Градската општа болница „8 Септември“.

Според дежурниот лекар во болницата, тројцата повредени се пуштени на домашно лекување откако претходно им била укажана помош. Седумнаесетгодишното момче имало расеченици на телото, додека 65-годишната жена и 23-годишниот скопјанец имаа набиеници и гребнатинки по телото.

Инцидентот во „22“ е последен во серијата инциденти со меѓуетнички предзнак кои годинава се случија во автобусите на ЈСП и во близина на училишните дворови во главниот град. Полицијата како превентива воведе и патроли по ризичните линии, кои функционираа извесен период.