Избрзано, погрешно!
Трајче Грујоски, Скопје
Повод: „Името е национално, а не политичко прашање“ од митрополит Агатангел, „Утрински весник“, 6 октомври 2010
Реакцијата на високиот достоинственик на МПЦ може да биде доказ дека поговорката - на лута рана, лута трева, не е секогаш препорачлива. Во овој случај таа е толку жестока што уште на прв поглед грубо ја надминува сферата на духовноста што би требало да биде животен позив на авторот. Да не го спомнувам гневот и суетата што бликаат од писмото иако е познато дека никогаш не се корисни сојузници за мирно промислување. Сатанизацијата на опонентот е запрепастувачка. Сето е пример како не би постапил библискиот пастир.
Почетната грешка во насловот - категоричното тврдење дека „националното“ не е политичко прашање е несфатливо во 21 век. Затоа содржината на писмото е преполна со термини, институции и проѕирни манипулации, кои ни малку не се духовни, односно лошо се разбрани и промовирани. Наместо небулозата на авторот против политизацијата на народното единство насушна е потребата да престане партизацијата во таа област при што е очигледно дека и авторот ги смета за непријатели сите што мислат поинаку од него.
Интересно е што се „заборава“ барем да биде спомната прецизната уставна определба за одвоеноста на верските заедници и религиозни групи од државата (19), како и еднаквоста на граѓаните во слободите и правата независно од нивното верско уверување (9). Спорното прашање е политичко токму затоа што може да се реши со политички средства. Управувањето со заедничките работи во демократијата е монопол на државата да го претставува општеството и јавните интереси. И добро е што така треба да биде оти историјата на човештвото е полна со трагични поуки кога „духовници“ ја зеле правдата во свои раце. |