ЕДИТОРИЈАЛ

Смртта на момчето бара оставки

Соња Крамарска

Премиерот Никола Груевски, веројатно, ни во најлошиот кошмар не претпостави дека славењето на новата победа ќе започне со црни хроники. Со убиство на 22-годишно момче, во миговите кога тој и неговите соработници наздравуваа со шампањ „за поразот на Црвенковски“. Опиен од победата, припадник на специјалните полициски единици го запечати славењето со два удара врз младиот Мартин Нешковски. Смртта на Мартин за само еден миг ги фрли во длабока сенка изборите.

Но, приказната не завршува тука. Полицијата се обиде да го премолчи настанот. А, според изјавата на семејството, дури се обиделе да ги поткупат за да молчат. Полицијата и Владата кои се опишуваат себеси како транспарентни. И отчетни.

Е, па, ќе има ли отчет за убиството? Зошто немаше јавно апсење на полицискиот припадник што го уби момчето, ќе пратат ли слики до медиумите од него легнат на земја, со лисици на рацете. И, конечно, ќе отиде ли министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, да го теши семејството на убиениот, како што отиде да го теши стечаецот за навредата „од Бранко“.

Не, не се случи тоа. До вчера не видовме ни изјава со сочувство до семејството, освен попатната порака на министерката Јанкулоска на прес-конференција. Единствено што гневната јавност можеше да види се невештите изјави на портпаролот на МВР, Иво Котевски, при што еднаш се обиде да го забошоти случајот, а откако приказната експлодира во медиумите и на социјалните мрежи, даде само основни податоци. Од Гордана Јанкулоска, пак, која е се' уште министерка за внатрешни работи - два дена немаше ни трага ни глас. Зафатена е со Љубе Бошкоски.

Здодевно е веќе да се повторува дека во демократски држави таков случај повлекува оставка на цели полициски врвови. Доволно е да се потсетиме на случката со протестите во Атина кога заталкан полициски куршум погоди момче. Улиците на главниот град на нашиот сосед тогаш беа преплавени од демонстранти, кои маршираа цела година, а политичкиот врв едвај извлече жива глава. Овде, пак, наместо одговорност, видовме закани од полицијата дека ја следи дебатата за убиството на „Фејсбук“ и дека ќе презема мерки.

Вистина е дека полициска бруталност може да се случи во секоја земја. Се случувале и убиства по грешка. Се' е можно кога работат луѓе со различни табиети и свест. Но, таму таквите случаи веднаш добиваат разврска во која системот возвраќа со еднаква жестина кон сторителот на делото. Америка има секој ден судења на војници што ги пречекориле овластувањата во Авганистан и во Ирак. Државата не смее да се претвори во убиец затоа што тоа е катастрофално за демократијата и за човештвото.

Македонија не ја научи таа лекција. За македонските влади тоа се само непријатни случаи, а не случаи кога треба да покажат принципиелност, одговорност и транспарентност. Принципиелноста значи законот веднаш да реагира, одговорноста значи министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, веднаш да поднесе оставка, а транспарентност значи полицискиот врв да излезе и да го раскаже случајот без задршка и калкулации.

Некој треба да се извини за тоа сурово убиство. Но, не само сторителот, туку и државата, односно оние што ја претставуваат. Извинување и сочувство јавноста очекува и од ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија во чии раце се полицијата и Владата. Нели се народна партија, нели се христијани, верници. Гневот на јавноста е голем и нема „владина мерка“ со која може да се поправи. Но, треба да има барем отчет.


#