Скопје - Ниш - Бургас за 40 евра

Годинава возови кон Егејско и кон Јадранско Море ќе нема поради одлуките на грчките и на српските железници да ги укинат директните линии кон Солун и кон Бар

Сања Наумовска


Македонските туристи од денеска ќе можат да патуваат со воз до бугарското летувалиште Бургас. Тоа е единствената опција со железница да се дојде до приморските градови во соседните држави, која остана отворена за нашите граѓани. Директната линија Скопје - Ниш - Бургас ќе функционира само во летниот период.

Железничката врска со Црното Море ќе се остварува еднаш неделно во текот на следните два месеца. Билет во еден правец чини 2.365 денари, а повратен е 4.730 денари

„Секој петок од Скопје ќе тргнува директниот вагон кон Бургас во 20,40 часот. Во Бургас возот ќе пристигне околу 16 часот следниот ден. Во спротивен правец кон Скопје, возовите од Бургас ќе тргнуваат секоја недела во 9 часот, а во Скопје ќе пристигнат во понеделник во 7 наутро“, соопштуваат од МЖ „Транспорт“.

Ова значи дека годинава возови кон Егејското и кон Јадранското Море ќе нема поради одлуките на грчките и на српските железници да ги укинат директните линии кон Солун и кон Бар.

Српските железници на 13 јуни ја укинаа линијата на релација Ниш - Бар - Ниш, која традиционално со децении функционираше во летниот период. До Јадранот сега од Македонија може да се стигне само со поскапите варијанти, автомобил и автобус или, пак, со авион. Билет за брзиот воз на релација Скопје - Ниш - Бар - Скопје, кој речиси дваесет години секојдневно го поврзуваше Скопје со Црна Гора, чинеше 25 евра во еден правец. Тој, според возниот ред на „Македонски железници“ за годинава, требаше секојдневно да поаѓа од Скопје во 14,52 часот со кушет и спални вагони за Сутоморе и за Бар, и патнички вагони за Ниш. Брзиот воз од Бар кон Скопје требаше секојдневно да поаѓа во 18 часот.

Со укинувањето, пак, на возовите кон Солун, оштетени се многу македонски туристи што летуваа на Егејското Море, но и голем број студенти и работници, кои секојдневно масовно го користеа овој превоз. Редовна цена на билетот до Солун беше 756 денари, а повратна карта чинеше 1.512 денари, додека, пак, за студенти, пензионери и за други групи постојано важеше попустот од 20 проценти. Возот Солун - Скопје - Солун возеше на оваа релација двапати во денот, наутро и попладне во 17 ч. Овој брз воз беше „спасител“ и за голем број граѓани што патуваа кон Велес, Неготино, Гевгелија и Демир Капија, бидејќи како меѓународен, беше значително побрз од обичните домашни линии. Со укинувањето на оваа линија, повеќе не функционира ниту туристичкиот воз „Меридијан експрес“, кој во летните месеци сообраќаше директно преку Скопје до Прага, Будимпешта, Братислава, Киев и Москва. Моментално сообраќаат единствено возови кон Белград и кон Приштина.

Инаку, во првите три месеци годинава се превезени само 3.000 патници на меѓународните релации, што претставува намалување за 25 отсто во однос на првото тримесечје од 2010 година. Укинувањето на меѓународните возови кон Бар, Будимпешта, Прага, Братислава, Киев, Москва и кон Солун ќе го намали и така незначителниот број патници што го користат ова еколошко превозно средство за патување кон странство. (С.Н.)

 


#