Чуден Клип осамна на „Јутјуб“

Бранко фрлил половина милион евра на медиуми

На клипот е прикажана предлог-стратегијата за односи со јавноста од ноември 2008 година

Клип насловен „А за тоа Бранко Црвенковски потрошил 500 илјади евра?!“ објави интернет-порталот „Јутјуб“, каде што на словенечки јазик се тврди дека поранешниот претседател дал половина милион евра за стратегија за односи со јавноста. На клипот, како што информираше агенцијата Макфакс, е прикажана наводна предлог-стратегија од ноември 2008 година, кога сегашниот лидер на СДСМ беше претседател. Документот, како што се наведува, содржи анализа на тогашната политичка ситуација во која пишува: „Наведените околности диктираат начин на дејствување на претседателот до крајот на неговиот мандат и затоа е потребно на сите идни активности на претседателот на Република Македонија да се гледа како на дел од неговата кампања за претседателските избори во 2009 година“. Во анализата се додава и дека основното прашање за изборот на стратегија за дејствување на претседателот на Република Македонија до крајот на неговиот мандат е повеќе во начинот на дејствување, кој би требало да ангажира што поголем број од избирачкото тело.

Веднаш по објавувањето на оваа вест вчера пристигна одговор од Кабинетот на поранешниот претседател и од двајцата словенечки експерти што работеле за него. Во соопштението од Кабинетот на Црвенковски се вели дека станува збор за „комплетна конструкција и шпекулација“. „Крајно непрофесионално и тенденциозно е Макфакс да објавува информации без притоа да го контактира Кабинетот на претседателот Црвенковски, особено за видеоматеријали објавени на неофицијален канал на кој секој може да стави што сака, а притоа да не го покаже вистинскиот идентитет“, реагираат од Кабинетот на Црвенковски. Тие потврдија дека е точно тоа дека во еден период од мандатот Кабинетот ангажирал двајца реномирани словенски експерти за односи со јавност како надворешни консултанти. Тие за Црвенковски изработиле разни анализи, истражувања на краткорочни и долгорочни комуникациски програми, извештаи и други документи за стратегиските проекти на Македонија, поврзани со ЕУ и со НАТО. Од Кабинетот на Црвенковски тврдат дека експертите не биле платени ниту приближно колку што е наведената сума.

„За каква конструкција и лага станува збор доволно говори и фактот што севкупниот буџет на Кабинетот за спомнатата година изнесувал еден милион и 170 илјади евра, од кои приближно 50 отсто се потрошени за плати на вработените, а останатите за меѓународни, домашни и тековни активности на претседателот“, објаснуваат од Кабинетот.

Двајцата експерти, Пеѓа Ашанин Голе и професорот Дејан Верчич, вчера испратија демант на објавената вест за Црвенковски. Тие потврдуваат дека работеле на истражувачко-консултантски проект за изработка и за спроведување долгорочна комуникациска стратегија на Црвенковски за стратегиските проекти на Македонија поврзани со ЕУ и со НАТО, како разни анализи, истражувања и извештаи. Но, демантираат дека работеле за половина милион евра. „Наведената сума не била ниту пресметана ниту, пак, исплатена за целиот проект и за севкупната наша тригодишна соработка со тогашниот претседател Црвенковски“, се наведува во нивната реакција. (Д.Р.)


#