Си велам

Груевски пишува нова историја

Ерол Ризаов

Обидот да се обезличи првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе остане запишан како срамен чин

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, актуелен премиер, не успеа да вознесе 50-дневна општонародна катарза со прославата на 20-годишнината од основањето на првата најголема десничарска партија во Македонија. Со повеќемесечни подготовки и најразлични помпезни одбележувања и многу потрошени пари, популистичкиот лидер, со геслото „За татковината се работи“, се обиде да направи вмровски сеопшт државен амбиент како последна надеж за спас на Македонија. Груевски од партиски направи државен јубилеј. Владата цели два месеца во полн капацитет работеше митинг. Беше тоа лош, блед, изнасилен собир без пораки.

На Груевски претходно му се виде примамливо да ја фалсификува историјата на партијата, да го избрише основачот на ВМРО-ДПМНЕ, првиот претседател, човекот што со неколку истомисленици ја формира македонската татковинска политичка партија и ја инсталира нејзината идеологија. А притоа сите успеси на партијата да си ги припише себеси. Во таа анатема на првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ најмногу му помогна лично основачот, Љупчо Георгиевски, со своите јавни изјави и настапи што влегуваат во македонската понова политичка историја како пример на политички самоубиствен чекор без усет за реалните политички односи и сили во Македонија. Но, без оглед колку и да му помогна Љупчо Георгиевски на својот наследник Никола Груевски со своите неодмерени јавни настапи, потегот да се пишува нова историја на партијата без основачот, е крајно валкан и штетен. За тоа постојат сиасет документи, живи и здрави, директни учесници во политичкиот живот, видео, тонски и пишани записи од партиски и од владини одлуки, закони изгласани во парламентот и друго. Обидот да се обезличи првиот претседател на партијата ќе остане запишан како срамен чин. Груевски свесен за ваквиот фалсификат, соочен со фактот дека е откриен, на митингот ја ублажи злоупотребата на сегашната негова функција. Но, она громогласно „уа“ при спомнување на Љупчо Георгиевски, иконата на ВМРО-ДПМНЕ, потврди дека Груевски веќе ја одработил валканицата. Тоа „уа“ беше против сопствената партиска историја. Против основачот и идеолошкиот татко на ВМРО-ДПМНЕ. Тој амбиент да се исвиркува партиската историја го направи лично Груевски од поодамна.

Историјата на ВМРО, која во 19 век стартува како филозофија на македонската егзистенција, незапирлива пулсација на македонската независност, како коскена срцевина на македонскиот народ и битие, што ќе рече Гане Тодоровски, еден од последните семакедонски мислители, по првиот неколкугодишен славен период, е полна со настани што ја компромитираат и историската улога на ВМРО, но и нејзините основачи, за жал, најмногу од нивните наследници. Тажни се судбините на големите македонски дејци и од политичкиот живот, од творештвото, културата, науката, па ако сакате и на првата буржоазија, првите чорбаџии, првиот македонски деловен и учен свет. Историските факти кажуваат дека и првата декада од 21 век поминува во сличен амбиент на балканштината, како и 19 и 20 век.

Првиот шок од односот кон историските личности на Македонија го доживеав во раните 90-ти години на минатиот век кога Зоран Тодоровски, денес директор на Архивот на Македонија, тогаш вработен во Министерството за култура, избезумен и уплашен ми дошепна дека коските на претседателот на Крушевската република, Никола Карев, се во едно вреќуле во една визба од големиот споменик во Крушево „Македониум“. Информацијата се потврди како точна. Тодоровски заврши голема работа. На насловната страница на тогашна „Нова Македонија“ го поставивме прашањето: „Има ли парче македонска земја за коските на Никола Карев“. Поголемо лицемерие и негација на сопствената историја тешко може да се осмисли. Огромен импозантен споменик во чест на илинденската епопеја, а коските на првиот претседател во подрум.

Судбината на Методија Андонов-Ченто, првиот претседател на Собранието на Македонија, што би се рекло наследникот на Никола Карев, исто така, беше македонско табу додека медиумите, конечно, не го отворија тоа прашање под налет на демократската пролет на просторите на бивша Југославија и Југоисточна Европа, исто така, во 90-тите години од минатиот век.

Ченто навистина доживеа политичка рехабилитација. Судска се' уште нема. Неговиот споменик се извишува на плоштадот „Македонија“. И толку. Ништо повеќе. Се' уште малку се знае за него во пошироката јавност. Тој е обезличен како прв претседател на Собранието на Република Македонија и како потписник, што ќе рече, како еден од основачите на АСНОМ.

Каков е односот кон Лазар Колишевски, првиот македонски премиер и една од најзначајните историски фигури во новата историја на Македонија. Каков е односот кон Киро Глигоров, првиот претседател на независна Македонија, како и плејада основачи на современата македонска национална држава. Каков е односот кон Методија Шаторов-Шарло, што долги години го учевме како предавник, каков е односот кон народните херои Кузман Јосифовски-Питу, Мирче Ацев и илјадници македонски жртви паднати во Антифашистичката војна за создавање на првата македонска национална држава. Им ги кршат бистите секој ден. Тоа е нашата благодарност за нивната пролеана крв. Каков е односот кон Драган Богдановски, единствен македонски дисидент, кој лежеше в затвор затоа што бараше промена на политичкиот систем и независна Македонија. Дали знаеме кои се првите големи македонски политички неимари носители на македонската преродба, на македонскиот литературен јазик на комуникацискиот код на македонската држава. Кои се основачи на македонската наука. Кои се обновувачите на автокефалноста на Македонската православна црква. Кој ги постави темелите на македонската индустрија, стопанство, земјоделство... Кои се основачите на македонските универзитети. Кој го откри и го заштити македонското културно и национално богатство. Кои се основачите на македонската дипломатија. Кој го изгради Скопје по катастрофалниот земјотрес и од обична балканска паланка направи модерен град. Кои се најдобрите македонски лекари, инженери, архитекти, писатели, сликари, актери... Во наездата на разни експерти што ни ги перат мозоците секој ден преку јавните медиуми, не е лошо да се прашаме дали навистина имаше македонски експерти со меѓународни лиценци и признанија што директно учествуваа во големите светски потфати финансирани од Обединетите нации. Во која компанија ќе ги видите сликите или биографите на основачите. Каков е односот кон нив од тие што сега го добија на чинија, како лична сопственост она што го изградиле претходниците. Би рекол со мирна совест понижувачки.

Сето тоа е покриено со една педа прав и избришано од колективното памтење на народот со принудна политичка амнезија, со балканската филозофија „се' почнува од нас“. Со што им се оддолживме на тие луѓе. Најдобрите зборови за заслужните граѓани и македонски дејци ќе ги слушнете на погребите. Какво врвно лицемерие. Ете, тоа е нашата балканштина да се ништат сите големи вредности, да се брише историјата да правиме од Македонија дрво без корен. Затоа ни е полесно да посегнеме по античката историја и античките времиња, отколку да ги негуваме вредностите на новата историја на луѓето што дале огромен придонес за развој на македонската нација и држава што го дале за тоа и својот живот. Односот на политиката кон вредностите и кон историските личности на Македонија е трагичен. Таа направи пустош во свеста на граѓаните на Македонија постојано пребројувајќи ги на предавници и на патриоти се' поради власт и пари. Се' додека науката не се дистанцира од политиката, кажано попрецизно, се' додека политиката се меша во науката и во историјата, таа не ќе може непристрасно да ги помести заслужните дејци каде што им е местото.

Никола Груевски, ниту кој било друг, не може да ја разубавува и да ја менува историјата ниту на Македонија ниту на ВМРО-ДПМНЕ со политички интервенции во неа. Процесот на зреење на историската дистанца не е завршен. Историјата ги дава своите непристрасни оцени подоцна кога можат убаво да се видат резултатите, придонесите, успесите и неуспесите. Со бришење и со фалсификување на сопствената најнова историја не ни се пишува добро. Ако се фалсификува историјата, и се' друго е лага.

3






#