Си велам
Кој ќе се испазари за 5 мин.
Ерол Ризаов
Отворен медиумскиот акшам пазар
Д алтонизмот како епидемија ги напаѓа партиските првоборци за власт најбрзо во критични ситуации. Тогаш тие гледаат само црно-бело. Несреќата е во тоа што другите кои ги препознаваат сите бои и нијанси ги прогласуваат за ќорави и слепци. И успеваат во тоа. Таа црно-бела слика деновиве во огромни количини се излева од македонските медиуми како загадена река полна со фекалии. Во Скопје има една таква. Серава ја викаат. Кој ќе фрли камен во тој ѓериз ќе се испрска и избербати по сопствена вина. Гледаме во живо по цел ден и по цела ноќ како власта и нејзините апологети и медиумски „трабанти“ не се симнуваат од екраните каде што тропаат на отворена врата за борба против криминалот. Со тоа сакаат да ја оправдаат злоупотребата на полицијата по упадот во А1 и загрозата на слободата на медиумите.
Било нормално и воопшто не било страшно ако неколку одреди разни родови до заби вооружени специјалци малку ги заплашат и новинарите, онака патем, додека прават даночна и финансиска контрола. Ништо не е страшно ако ги чукнат по писка новинарките кога тие толку аздисале, па кога сакаат влегуваат или излегуваат од студијата и од канцелариите. Голема работа ако главниот уредник е опколен со 10 специјалци. Тоа е убава слика за македонската демократија. Се нашол човекот на погрешно место, во погрешно време. Бил на работа кога не треба.
Интелектуалните перјаници на опозицијата, пак, ни кажуваат колкави глупаци и морони сме сите ние што не препознаваме попречување на новинарската работа и загроза на медиумските слободи и независноста. Сме мешале баби и жаби кога покрај одбраната на новинарството укажуваме и на последиците врз новинарството од непочитување на законите што треба да ги регулираат односите на медиумскиот пазар, или кога укажуваме што е сопственост, а што дејност.
Се согласувам, да ја оставиме борбата против затајувачите на данок и финансиски криминал на надлежните институции и судовите. Сите се невини додека судот не пресуди. Таков е редот, такви се правилата и законските норми во демократските системи. Предистражната постапка е во тек. Сомнително е што секој детаљ во оваа фаза на постапката, кога уште нема кривични пријави, експресно се соопштува преку провладините медиуми. Некому многу му се брза да го придобие јавното мислење пред да има судска разрешница. Тоа стана правило во Македонија. Од друга страна, сопственикот на А1 и на дневните весници „Време“ и „Шпиц“ ги вади валканите алишта сега откако направи пустош на медиумскиот пазар во спрега со властите. И тоа е вообичаено во Македонија.
Сите медиуми кои се надвор од контролата на власта мошне јасно, ни малку недвосмислено им даваат подршка на новинарите на А1 телевизија. Ја осудуваат жестоко полициската интервенција, како флагрантна злоупотреба на власта, го демаскираат притисокот врз оваа гледана телевизија. Многу индикативно е зошто тогаш и тие се изложени на критики од опозицијата, па и од новинарите на А1 и од весниците на Рамковски. Во што е проблемот. Па, проблемот е во тоа што ние гледаме и добро чуствуваме попречување и на нашата новинарска работа многу поодамна.
Еве неколку прашања до почитуваниот Љубомир Фрчкоски и до неговите истомисленици, кои велат дека треба да се концентрираме само до загрозата на А1 и светоста новинарите да работат непречено. Ако паднала А1, ќе паднат сите, а изданијата на МПМ ќе бидат испазарени за 5 минути. Го прашувам г. Фрчковски јавно да образложи што мисли кога пишува, во изданијата на МПМ, дека тие ќе бидат испазарени. Како што стојат работите, многу е поверојатно дека Рамковски ќе се испазари за 5 минути или за неколку дена, сеедно. Секогаш кога се пазарат власта и сопствениците на медиуми, паѓа драматично цената на новинарите и новинарството. Тоа досега го видовме повеќе пати.
Но, да ве прашам уште нешто, дали не е сериозна загроза на новинарската работа ако медиумски магнат дрско не го почитува Законот за радиодифузија, па заедно со најгледаната телевизија противзаконски концентрира сопственост и на повеќе дневни весници и печатени медиуми кои се раздаваат без пари, за пет денари или со грепки, а тоа го плаќа и власта. Дали е тоа само обична и нормална конкурентска војна како што сакате да прикажете. Што мислите зошто законодавецот се определил за вакво ограничување да не може сопственик на електронски медиум да има и весници и списанија. Дали воопшто можете да претпоставите колкава е штетата за другите медиуми од ваква концентрација и синергија. Колку тоа ја попречува нормалната работа на другите новинари. Тоа, г. Фрчкоски, е уништување на професионалното новинарството, не помалку страшно од упадот на полицијата во А1.
Колкава е агонијата на новинарството ако, по сопствено признание, земате пари од буџетот за рекламирање на Владата и партијата на власт со 60 отсто попуст.
Што мислите, кога медиуми само за поддршката на власта добиваат по повеќе милиони евра годишно буџетски пари во сиромашна Македонија, дали тоа не ги загрозува другите медиуми кои професионално ја водат конкурентската битка. Сето она што мораме скапо да го платиме нашиот конкурент, кој ги крши законите, го добива на тацна со наши пари. Тоа не е обична конкурентска војна. Тоа е осуда на смрт, без судење. Има ли во овој садомазохизам и нешто друго освен пари и гола перверзна војна за власт и за медиумско влијание по секоја цена. Мислам дека има уште нешто потрагично. Тоа е огромното лицемерство јавно презентирано од борците против криминалот, иако се до гуша во него, и од борците за медиумски права и слободи, кои досега не видоа загроза на непречено работење на медиумите засегнати од синергијата на властите и на своите коалициони партнери, медиумски магнати. Сите власти го толерираат незаконското работење на своите медиуми со рок на траење, додека ја имаат подршката на медиумот и сопственикот. Кога ќе ја изгубат, праќаат одреди полиција, инспекции и кривични пријави. Додека сопственикот не се премисли. Ќе го гледаме ли деновиве овој филм повторно. Јас мислам - да. |