Кичевските убиства топ - тема за странските медиуми
Странските медиуми веќе неколку дена со големо интересирање го следат случајот со сериските убиства на жени во Кичево.
По веста дека угледниот новинар Владо Танески бил приведен под сомнение дека ги убил своите сосетки, а потоа известувал за тоа, странските медиуми ги активираа своите кореспонденти за да ги добијат најдетаљните информации за случајот. Новинари од најугледните и најтиражните весници во Русија, Израел, Хрватска, Србија, Германија, Велика Британија и други земји, вчера се јавија во нашата Редакција, барајќи изјави и подетаљни информации за приведениот новинар.
Оние што не успеале да дознаат дека Танески во текот на ноќта си го одзел животот, во паника ги известуваа своите редакции да ги сменат насловните страници и да трагаат по нови информации за мистериозната смрт на новинарот.
„Ова е навистина ужасна вест. Се надевам дека никогаш повеќе не ќе мора да известувате за вакви грозморни настани, особено кога станува збор за колега. Ова е најтешката новинарска задача“, телефонски ни порача новинарот од Израел, кој дента ја пишуваше главната сторија во својот весник за кичевскиот новинар, чија вина никогаш не беше докажана. (Д.Т.) |