Камелеон во бугарско руво
Иван Џо Петрески
(Повод: изборот на Мартин Треневски за амбасадор во НАТО)
Дали има спас за оваа земја Македонија? По се' изгледа дека нашата иднина е запечатена и тука ни нема спас! Зачудувачки е да станеш полнолетна држава по годините, а да немаш политички врв со ум... И тоа по толку години. Па така излегува, ако се имаше идеја и ум да се создава сериозна држава, немаше да ни се случуваат глупости во генералната политика во која никој и не води грижа за кадровските потенцијали, посебно во врвните ешалони на државниот апарат каде што игра партиската книшка, а не вистинските потенцијали и квалитети на поединците.
Ништо чудно и не е збунувачка идејата, ама не разбравме чија е, дипломатот Митре, алијас Мартин Треневски, да биде именуван за претставник на Македонија во НАТО. За младата генерација поединецот и нема да е спорен, бидејќи и не го познава, ама за постарата сериозна македонска јавност оваа одлука се потврди како незрела.
Камелеонот веднаш си ги покажа роговите. На првата јавна средба пред комисијата за именување изјави „ќе ги спорам принципите на консензус и солидарност во НАТО и поделбата на пријателски и понепријателски земји-членки. НАТО е сериозно со нарушен углед најмногу затоа што не ја прими Македонија во своето членство, која е битен фактор на глобално ниво. Впрочем, за Македонија е почната и Првата светска војна, само таа да биде распарчена“ ...!
Е сега мерете му го умот на овој политичар, кој се декларира како член на ДПМНЕ од 1992 година. Бившиот активист и новинар на Танјуг, за оние што не знаат, тоа е новинска агенција на Југославија во која ако немаш комунистичко педигре, не можеш да влезеш на капија, а не да бидеш дописник новинар и уредник. Ама за човекот нема пречки и граници, камелеонот ја менува бојата според условите. Отсекогаш имал и се' уште има среќа. А, таа не доаѓа сама по себе, треба некој и да те турне. А овој камелеон постојано некој го турка само напред. Не чудете се. Ништо случајно не се случува. Не е тоа поединец, тоа е силна позадинска организација чии пипци се вградени во македонската почва одамнина и тоа многу длабоко и неискоренливо.
Неговото политичко минато по завршување на новинарската кариера, почнува со политиката на Љупчо Георгиевски, кој го именува за министер за иселеништво, а подоцна го донесе до главен агент на Агенцијата за иселеништво. И наместо тој да ја обедини дијаспората да работи за Македонија, направи вековен зулум со својата (или туѓа) политика. Ја раздели дијаспората, донесе раскол, проба да ја уништи Матицата на иселеници, направи големи материјални штети докажани и потврдени и со судски одлуки.
И човекот не можеш да го фатиш бидејќи тој со своите си ја гради политиката на дипломат како амбасадор на Македонија во Шведска, како конзул на Македонија во Канада и сега човекот ќе оди во Брисел. Таму на домаќините, уште невлезен на портите им порачува - јас сум македонски патриот и со мене нема шега... Пази богати, каква сила македонска! Или?...
Кого го испраќаме во НАТО-алијансата? За човекот што го протежира оваа гарнитура на ДПМНЕ, со која тој нема никакво сродство ниту линија, бидејќи припаѓа на љупчовистите, од многу причини е нејасно од каде доаѓа таа одлука. Оваа констатација напишана за работата и за делото на големиот српски танјуговец (тоа може да го потврдат неговите ексколеги) е напишано дека највисок дострел му е изложбата за формирањето и дејноста на МПО (бугарско), во Крушево. Тој тогаш искажа голема дума, дека „Македонска трибуна“, весникот на МПО, се печати на бугарски јазик, бидејќи тоа е вистинскиот јазик на Македонците. И тоа не е се'... Има уште бисери. По правило, тој што те плаќа и ќе ти ја крои судбината. Ај нека ја кројат неговата и на неговото семејство, ама зошто дозволуваме тој да ни ја крои нашата судбина !?
Премиерот Груевски го брани дека камелеонот не е разбран со неговиот вокабулар, во неговото излагање. И што сега сака да каже човекот, за каков вокабулар се работи, од лице што барем ако не друго треба да го знае бонтонот на дипломатијата. Ама така му чини и тој оди во Брисел. Не поради своите квалитети, туку заради тоа што опозицијата го напаѓа. А Грујо само за инает на Б.Ц. нема да попушти и пред предупредувањата на САД, дека овој човек не е за НАТО и дека наместо полза, ќе направи уште поголема штета за Македонија.
Од први септември тој треба да биде во НАТО-семејството. Ако тој самиот не сфатил дека не му треба да влегува во друштво каде што никој не те почитува, оваа власт, на чело со премиерот треба да сфати дека човекот не е за таму и покрај тоа што сме очигледно за компромис со името, за што постојат индиции дека е завршена работа, само се чека денот на одлуката. За подобра Македонија се работи. Нели...?! |