Крвава облека ја помати свеченоста во „Идризово“
Министерот за правда го предаде во употреба реновираното полуотворено одделение, кое наскоро треба да се урива
Даниела Трпчевска
Нов инцидент ја помати вчерашната свеченост по повод отворањето на реновираното полуотворено одделение во најголемиот затвор во земјава „Идризово“. Непосредно пред доаѓањето на министерот за правда, Михајло Маневски, и претставниците на дипломатскиот кор, затвореник со искрвавена маица пред затворските порти, на групата насобрани новинари им тврдеше дека е тепан и бараше средба со надлежните за да се пожали на затворскиот третман. До средба не дојде, ниту, пак, новинарите добија објаснување дали навистина осуденикот бил претепан и каде беше однесен по интервенција на обезбедувањето.
„Немам информации, ме прашувате за нешто за што не сум информиран“, тврдеше вчера министерот Маневски. Со слични одговори настапија и директорката на Управата за извршување санкции, Лидија Гаврилова, и првиот човек на „Идризово“, Миле Младеновски.
Според нив, најверојатно, станува збор за зависник, кој излегол пред новинарите само за да демонстрира некоја крвава маица од наводен инцидент што се случил“. Надлежните демантираат дека затвореникот бил малтретиран и тврдат дека крвта на маицата не е воопшто негова, на тој начин затворајќи го случајот.
Затвореникот, кој тврдеше дека е претепан, вчера не беше дел од агендата на надлежните за затворите. Нивната агенда беше пуштањето во употреба на реновираните простории од Полуотвореното одделение, кое сега доби сосема пристоен лик по многубројните критики од омбудсманот и од амбасадорот Ерван Фуере дека личи на бегалските кампови во Латинска Америка и во затворите во Јужна Африка.
Објектот, кој пред неколку месеци беше во фаза на распаѓање, со руиниран покрив и гнил под, искршени прозорци и без светло, сега овозможува солидно сместување на 112 осуденици во 19 соби, кои ги исполнуваат меѓународните стандарди за сместување.
Но, оваа инвестиција ќе биде во функција само во наредните неколку години. За две до три години, според министерот Маневски, голем дел од објектите во затворот ќе се урнат и на нивно место ќе се градат нови, со парични средства обезбедени од Банката за развој на Советот на Европа. Станува збор за кредит од 46 милиони евра, со кој веќе во април идната година ќе започнат големите градежни зафати во затворите во земјава. Во планот за уривање е и Полуотвореното одделение, токму она за чие реновирање летово Владата издвои речиси седум милиони денари.
Менувањето на комплетниот изглед на затворот „Идризово“, изградбата на затворот во Куманово и почетокот на изградбата на ВП домот „Тетово“, се дел од приоритетите, кои првиот човек на Министерството за правда ги најави на вчерашната свеченост.
„Предвидено е проширување на затворот ’Идризово‘, со што сегашниот капацитет од 900 места ќе се зголеми за 1.510 лица. Планирана е изградба на ново приемно, затворено и полуотворено одделение, главна порта и центар за посети, ново здравствено одделение, спортска сала и терени, работилници и магацини, безбедносни огради и пречистителна станица“, вели Маневски. За три години е планирано да се обнови и затвореното одделение, каде што осудениците постојано се жалат на тешките услови за сместување и пренатрупаност. Прашан дали некогаш го посетил затвореното одделение и дали знае во какви услови поминува секојдневјето на осудениците, министерот Маневски рече дека тоа прашање сега не е во фокусот на интересот.
Заменикот народен правобранител, Драги Целевски, вели дека покрај реновирањето на затворските капацитети, неопходно е и подобрување на условите за осудениците и во другите сегменти, пред се', во третманот кон нив. И покрај многубројните инциденти зад затворските решетки, досега се утврдени само два случаја на тортура, за кои се водат постапки за осуммина надзорници.
„Често примаме поплаки за третманот на затворениците, за што сме укажувале да се спроведат дисциплински постапки за вработените или сме поднесувале пријави до јавното обвинителство, како што е последниот случај на тортура на затвореник во ’Идризово‘, кој го истражувавме неодамна“, вели Целевски.
Иако при посетата на најголемиот затвор, каде што се сместени речиси 1.300 затвореници, вчера изгледаше дека ситуацијата се држи под контрола, сосема е извесно дека постојано нешто врие за затворските решетки. Масовни тепачки, самоубиства, бегства, корупција и насилство се само дел од секојдневјето на станарите на казнено-поправните домови во земјава. Надлежните признаваат дека станува збор за многу мал простор и исклучително девијантна средина, каде што инцидентите е тешко да се избегнат, но најавуваат низа обуки, проекти и правилници за да го прекинат коруптивниот синџир во затворите, да го намалат насилството и да ја спречат тортурата, поставувајќи ги границите до каде може да оди примената на сила. |