17.09.2012, 16:07 Филе очекува позитивен извештај, а Груевски почеток на преговoри
Еврокомесарот за проширување денеска во Скопје се сретна со македонскиот премиер
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе очекува извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија што треба да биде објавен во октомври, да биде позитивен, имајќи предвид дека земјава направила многу во процесот на спроведување на обврските преземени со високиот пристапен дијалог.
- И неколкупати претходно ЕК врз основа на Извештајот за реализираните обврски им препорача на земјите членки на Македонија да и се даде датум за почеток на преговори за членство. Годинава нема сомнеж дека е направено доста во спроведување на реформите, во рамки на високиот дијалог меѓу Македонија и ЕУ, истакна еврокомесарот Филе по денешната средба со македонскиот премиер Никола Груевски, одговорајќи на новинарско прашање дали позитивен извештај од ЕК би значел почеток на преговори за членство во ЕУ, доколку не постои спорот со Грција околу уставното име.
Сепак, вели, чесно е да се каже дека одлуките за почеток на преговори ги носат сите членки на Европската унија и тоа е политичка одлука.
- Затоа нагласив дека имплементацијата на она што е досега усвоено треба да продолжи до декември годинава. И затоа велам дека високиот пристапен дијалог меѓу Македонија и ЕУ и сите прашања кои досега ги покривме и резултатите од тоа ќе им помогне на земјите членки на Унијата да му пријдат на ова прашање конструктивно, истакна Филе.
Премиерот Груевски очекува во извештајот на Европската комисија да биде препознаена работата и посветеноста на Владата во спроведувањето на преземените обврски и реформите, а соодветно на тоа и валоризирана.
- Почетокот на преговорите со Европската унија што поскоро, останува наша примарна цел. Тоа ќе го задржи кредибилитетот на процесот на проширување на Европската унија и ќе даде сигурност на нашиот евроатлантски процес, истакна Груевски.
|
|