Сите ги знаат „пушачките“ кафеани, ама никој ништо не им може

Во многу локали во Скопје и во други градови слободно се пуши и покрај целосната забрана

Бојан Шашевски


Веќе не е ни тајна дека слободно се пуши во некои од скопските кафеани. Локалите во кои и покрај јасната напомена дека пушењето е забрането, сепак, без проблем се чури, и' се добро познати во скопската јавност, особено на оној дел од популацијата кој е во потрага по добра забава, засилена и со добра цигара. И во другите градови во земјава состојбата е речиси идентична. Значи, за некои од газдите важи, а за други не важи целосната забрана за пушење.

Една година откако Законот за заштита од пушење официјално стапи во сила и предвиде целосна забрана за консумирање цигари во сите јавни објекти и простории, а воведе и ригорозни казни од 2.500 до 4.000 евра за правните и од 150 до 300 евра за физичките лица, во голем број објекти, ресторани, кафе-барови и дискотеки, се' уште масовно се чури тутун.

Налепниците со пречкртана цигара бодат очи во локали низ населбите Карпош, Аеродром, во центарот на градот, како и многубројни рурални кафеани, а сепак, газдите неуморно ги примаат стандардните муштерии-пушачи и пријатели, примајќи резервации и по неколку дена, па и недели однапред.

Во многу угостителски локали, прилично слабиот квалитет на услугата и понуденото мени го компензираат со слободно пушење во внатрешниот дел на објектот. Муштериите не му ја мислат двапати пред да го повикаат друштвото, да нарачаат пиење и јадење, и слободно да си запалат цигара, се разбира, во топла и пријатна атмосфера наместо да се мрзнат надвор за да можат да уживаат во своето штетно задоволство.

„Очигледно Законот за заштита од пушењето не е рамноправен за сите локали, односно не важи за поединци. Изгледа дека теренските пазарни инспектори замижуваат и ги одминуваат омилените ресторанчиња, дискотеки или кафе-барови, а да не зборуваме за поголемите концертни хали. Во последните неколку месеци не сум сретнал место каде што инспекторите, согласно со Законот, за кој не верувам дека постои човек во Македонија што не слушнал и не го познава, ’залепиле‘ казна на сопственик или затекнат пушач во угостителски објект. Кога можеше Горан Трајковски од УЈП да си седи олабавено во канцеларија и да си пуши цигара, што може да очекувате од останатите, кои така се стимулираат и лесно решаваат да запалат цигара во своите објекти“, вели Александар Илиевски, секојдневен посетител по градските кафулиња и ресторани низ Скопје.

„Си имам едно омилено кафеанче во мојата населба, каде што уживам да седнам, да се запијам, да муабетам, да послушам музика, да се расположам и, секако, да си запалам и по некоја цигара. Верувам дека сите си имаат в џеб по некое вакво локалче во своето маало, во родната населба, онаму каде што пријателството е поголемо од Законот за заштита од пушење“, ни изјави Ратко од Аеродром.

„Утрински весник“ ги знае локалите во кои не се почитува забраната за пушење, но, бидејќи е невозможно таму да се снима за да се обезбедат докази, нема да ги објави.

Иако побаравме изјава од газди на локали на булеварот „Јане Сандански“ во Аеродром и ресторан од населбата Мичурин, сопствениците се оградија од прашањата околу пушењето во своите локали и дејствувањето на Пазарната инспекција.

Откако се јавивме и во Државниот пазарен инспекторат, добивме изјава дека одговорните инспектори вршат постојан надзор на сите локали во Македонија и пишуваат казни согласно со Законот за заштита од пушењето. Но, како што изјави директорката Елизабета Чингаровска, потоа на потег се судовите. „Воопшто не знаеме што се случува понатаму со казнетите лица. Државниот пазарен инспекторат напиша околу 120 казни само во последниов месец, некаде и по две-три казни на едни исти, веќе општо познати локали. На некои од сопственици на угостителските објекти им е сеедно што го заобиколуваат Законот и им следуваат казни, без разлика за колкави износи станува збор. Најпроблематични се физичките лица затечени во локалите. Прилично се тешки за казнување, бидејќи инспекторите не можат да им напишат казна без посредство на полиција, односно само униформираните лица од МВР имаат право да му побараат лична идентификација на пушачот“, објасни Чингаровска од Пазарниот инспекторат.

Сега прашање е дали Законот ќе успее да остане на нозе и колку народот е подготвен да остане без цигара в рака, но и колку власта и судовите ќе бидат доследни во неговото спроведување.

Во почетокот на месецот опозицијата бараше измени на Законот за заштита од пушење, односно можност за пушење во кафулињата, кафеаните, дискотеките, ноќните клубови и пивниците наспроти другите јавни институции, како што се болници, градинки итн. Тие предложија во објектите помали од 100 квадратни метри затворен простор сопствениците сами да изберат дали ќе се пуши или не, а притоа да се воведе лиценца за дозволено пушење, додека објектите поголеми од 100 квадрати да имаат соодветен простор за пушење, со обезбедена вентилација. Но, овој предлог парламентот не го прифати, па Законот си остана ист. Или барем навидум ист за оние што не ни почнале да го почитуваат и да го спроведуваат.




























#