СДСМ не го дава Црвенковски
Иако имаше лидерски оставки на минатите изборни порази, овој пат социјалдемократите ќе почекаат за одговорноста на Црвенковски
Билјана Јовановска
На „Бихаќска“ активностите продолжуваат безмалку како и пред изборите и таму никој не размислува за повлекување на Бранко Црвенковски од лидерската позиција. Наспроти шпекулациите во одделни медиуми, такво нешто не е на повидок бидејќи сега состојбата во секој поглед е драстично сменета во споредба со претходните парламентарни избори кога Бучковски и Шекеринска заминаа од партиското кормилото по изборните порази.
Ниту Радмила Шекеринска ниту Владо Бучковски, кои минаа низ постизборно искуство со давање оставки, не сакаат да разговараат на тема повлекување на Бранко Црвенковски. Сметаат дека партијата сега има други приоритети и предизвици на кои мора да го фокусираат сето внимание и ангажман. Шекеринска во изјавата по соопштувањето на резултатите порача дека победата е пирова, а Црвенковски најави дека жестоката политичка битка следува. Бучковски, пак, во интервју во „Дневник“ двосмислено рече дека треба да се направи анализа дали СДСМ има капацитет да изгради систем што ќе гарантира на следните избори да добијат 450 илјади гласа, кои се потребни за победа.
За тоа дали партискиот шеф ќе остане, со писмена изјава се огласи единствено партискиот Центар за комуникации, од каде што велат: „СДСМ има освоени 150.000 гласа повеќе отколку на претходните предвремени парламентарни избори, што е зголемување за 65 отсто на целото гласачко тело. Кога генерално ќе се соберат опозициските гласови, се гледа дека Никола Груевски ја пресече Македонија како со нож и ја има изгубено довербата. Не гледаме кој друг би можел да ја насочи опозициската енергија против оваа забегана и насилничка власт, освен Бранко Црвенковски“.
Анализите во СДСМ се дека опседнатоста на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски како што велат, со изборната мантра „на Црвенковски да му кажеме збогум“, не даде плод. Внатрепартиски извори велат дека Црвенковски кого власта го нарекува истрошен транзиционен политичар со неговите настапи на митинзите ги изненадил дури и луѓето од најблиското опкружување, вклучително и оние што можеби го посакуваат неговото место.
Друг аргумент на социјалдемократите за останувањето на Црвенковски се и шпекулациите дека Груевски е шокиран од фактот што 370.000 гласачи не и' веруваат на неговата преродбеничка политика, а политичарот кому сакаше да му го види грбот, изгуби со само 70.000 гласа разлика. „Ова покажа дека СДСМ е многу поцврста од кога и да е порано, а политичарот на кого Груевски не успеа да му каже збогум, сепак, постигна резултат што никој не го очекуваше“, велат партиски извори.
Сепак, во СДСМ претстои гласање за доверба на партискиот врв. Блиската партиска историја покажа два примера на повлекување на лидерите по изборен пораз. Во 2006 година кога со СДСМ раководеше Владо Бучковски, од партискиот врв во кој беше и Радмила Шекеринска, излезе иницијатива за негова оставка што резултираше со изгласување недоверба на лидерот.
Истиот принцип беше применет и две години подоцна кога Радмила Шекеринска изгуби на предвремените парламентарни избори и се повлече од партискиот врв.
Во 2006 година, колку за потсетување, на парламентарните избори СДСМ освои 218.463 гласа (или 23,31 отсто), а ВМРО-ДПМНЕ ја доби довербата од 304.572 гласачи, што изнесува 32,50 отсто. Во 2008 година на предвремените парламентарни избори во кои Шекеринска му беше главен конкурент на Груевски, СДСМ доби 233.284 гласа (23,64) а ВМРО-ДПМНЕ 481.501 глас (48,78 отсто).
Сега резултатите се многу поповолни за социјалдемократите. Сашо Орданоски, новинар и политички аналитичар, вели дека СДСМ на чело со Црвенковски „оствари извонреден изборен резултат ако се знае од каде тргнаа во ноември минатата година и каде стасаа на 5 јуни“.
„Тие ги изгубија изборите во однос на своите директни конкуренти ВМРО-ДПМНЕ, но придонесоа за тоа целокупната опозиција да освои повеќе гласови од власта. Со други зборови, господинот Груевски има поголем неуспех на овие избори отколку господинот Црвенковски ако се гледа поддршката од јавноста“, вели Орданоски.
Но, сепак, додава Орданоски, тоа не може да го затвори прашањето во СДСМ за тоа дали Црвенковски ќе остане на чело на партијата и таа расправа во СДСМ допрва следува. „Јас во овој момент не гледам замена за Црвенковски на кормилото, но гледам очигледна потреба таква замена во наредниот период да се гради бидејќи определувањето по ова прашање ќе ја определи судбината на СДСМ во годините што доаѓаат“, вели тој. (Б.Ј.)
|