ЕДИТОРИЈАЛ
За животот се работи
Горан Адамовски
Тричленото семејство Стојановски не успеа да стигне до својот дом во Кичево. Возејќи се во својот „опел корса“ на пат кон Кичево, им се испречи БМВ, кое директно удри во нивниот автомобил. Таткото, кој го возел автомобилот, мајката и 13-годишната ќерка заминаа од овој свет. Другата ќерка ќе треба да се помири со судбината дека ќе продолжи без своите родители и помалата сестричка.
Оваа тажна приказна беше испишана завчеравечер на македонските патишта. И за жал, не е единствена. Речиси секојдневно по некое македонско семејство е завиено во црно. Пешаци, возачи, совозачи, патници, моторциклисти, велосипедисти... Сите тие се потенцијална жртва на разулавениот сообраќаен билтен.
Причините за несреќите се знаат: непрописно престигнување, преголема и неприспособена брзина кон условите на патот, непочитување на правилата за првенство на минување, непрописно и невнимателно свртување, недржење прописна страна и правец на движење, непрописно разминување, возење под дејство на алкохол... Додајте ги новите автомобили што им даваат лажна самодоверба за сигурност зад воланот на возачите, како и лошите патишта и слабата сигнализација - ете зошто опасноста демнее зад секој агол.
Што да правиме? Па да почнеме од некаде да ги средуваме работите. Надлежните велат дека и покрај сите објективни и субјективни фактори што влијаат врз бројот на несреќите, сепак, статистиката немилосрдно покажува дека во 95 проценти од несреќите вината лежи во возачите. Не е важно колку е релативна девизата на повозрасните - дека во нивно време за да добиеш возачка дозвола требало да возиш како професионалец, а дека сега за дозвола треба само да знаеш да ја стартуваш колата и да ги препознаваш брзините, но факт е дека дел од денешните возачи немаат основни шоферски познавања!
За возачката култура во земјава е излишно да се трошат зборови, но не сфаќаме дека со непочитувањето на прописите и на правилата во сообраќајот, всушност, самите себеси си ставаме нож под грло. Високите казни за сообраќајните прекршоци, изгледа, не помагаат. Неколкуте стотици евра и потенцијалното одземање на возачката дозвола слабо влијаат кај оние што престигнуваат каде што не треба, поминуваат на црвено, возат 150 км/час на места каде што е дозволено само 60. Можеби и полицијата треба почесто да биде на терен на патиштата низ земјава, а не само по градските улици (особено во Скопје каде што нон-стоп се казнува и за неврзан ремен), иако не е толку мал ниту бројот на возачите што негодуваат оти „џандарите“ дремат по цел пат меѓу Охрид и Скопје и само чекаат „жртви“, оти платата им зависи од бројот на казните што ги пишуваат. Никако не си со полицијата...
Би помогнало и кога возачите би ги знаеле основните правила за итна помош, кога во возилата би се поседувал противпожарен апарат и други задолжителни алатки што можат да помогнат, кога возилата најрегуларно би го минувале техничкиот преглед.
Но, време е и државата да направи нешто со патиштата. Да се санираат дупките, да се постави осветлување, да се прошират делниците каде што е најфрекфентно, да се постават заштитни огради каде што најчесто има излетувања. Немањето пари не е изговор, оти „за животот се работи“.
Токму во неделата беше одбележан Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајните несреќи. Секој ден 3.000 луѓе ги губат животите во сообраќајки. Во 2020 година се очекува таа бројка да се зголеми за повеќе од двапати. Нашите експерти предупредуваат дека и Македонија ќе го следи светскиот тренд. Ако не почне нешто да се менува - жртвите на сообраќајки во Македонија веќе нема да бидат ниту вест. Нема ниту да се потресуваме ниту да се шокираме. |