04.09.2012, 17:53 Мое ќоше
Последната златна кокошка
Ерол Ризаов
Кога еднаш ќе викнеме рацете настрана арамии, ова е наше
Ќе ја заколеме ли и последната златна кокошка на Македонија. Како на акшам пазар се нуди крвотокот на државата ЕЛЕМ, најзначајниот инфраструктурен систем, најголемата и најсложена компанија која има капитал од повеќе милијарди евра кој сега книговодствено се обезвреднува. Попрецизно кажано, таа корпорација и систем се непроценливи, па кој сака и колку сака нека смета и пресметува. Владата се намерачила, или е во тежок зорт за пари, да продаде голем дел од некогашното „Електростопанство на Македонија“. Подготовките се почнати со пробните балони дека ќе се прави докапитализација и приватизација на ЕЛЕМ. Потребни се големи пари, вели власта, за вложувања во енергетиката, па треба да се продадат нејзините темели. Ќе бидеме ли неми сведоци на уште едно злосторство и распродажба на стратегиските интереси и непроценливо богатство на државата кое го создавале генерации и генерации. Ја знаете еврејската приказна: куќа не се купува од тој што ја градел, тој добро знае колку чини; куќа се пазари од тој што ја наследил.
Стари се обидите на сдсмовските и на вмровските влади да го продадат комплетниот енергетски потенцијал на Р. Македонија. Големи и значајни делови од тој неделив грандиозен систем веќе е отуѓен со продажба на дистрибутивната мрежа во градовите, а сега се нудат хидроелектраните. Се' уште нема никакви сознанија во јавноста за тоа што ќе биде со управувањето на режимот на водите во вештачките езера и реките, во што е опфатен и режимот на нашето најголемо богатство, водите на Охридско Езеро и на реката Вардар. Исто така, неизвесно е дали и преносниот систем ќе се продава, па така комплетно да раскрчмиме се' што изградиле нашите претходници, плаќајќи го тоа со човечки жртви, со намален стандард и беда и со неизмерна физичка работа, но со вистински патриотизам и љубов кон Татковината. Знаат ли денешниве шиткачи како е градено, на пример, Мавровско Езеро, колку луѓе таму загинаа, колку доброволни акции се направени, колку народ работеше со лопати и мотики, знаат ли тие како се градени сите брани и хидроелектрични централи и оние високи железни столбови, далноводи што ги гледате по сртовите на македонските планини. Кој може денес да го пресмета тој невидлив труд, тие реки пот, кои едноставно се отфрлаат во формулите на профитабилност при приватизацијата и купопродажбите. Енергетскиот систем на Македонија е повеќе од компанија, фирма или, како што го викаат, јавно претпријатие. Тоа се дамарите на државата.
Македонската Влада и лично премиерот пред да се одлучат на ваков чин треба да побараат одговор на неколку прашања кои чинам се клучни. Прво, зошто најзначајните стратегиски капацитети, нашите најпрофитабилни компании ги купуваат странски државни фирми. Како тоа грчки „Хеленик петролеум“, државна фирма, ја купи единствената рафинерија под Сава и Дунав до Солун, денес нашето најдобро претпријатие кое фрла огромни пари во грчката вреќа без дно. Нека праша Груевски зошто не се приватизира „Дојче телеком“, туку ги купува како алва телекомуникациските системи на кандидатите за ЕУ, вклучувајќи ги и најквалитетните капацитети на македонски телекомуникации кои прават од 100 до 200 милиони евра секоја година профит што е за респект и за германски прилики.
Како тоа државна грчка банка ја купи Стопанска банка, една од најголемите наши банки претходно исчистена со интервенција на државата од сите дубиози, или како тоа високопрофитабилната цементарница УСЈЕ падна во грчки раце и низа други високодоходовни компании станаа сопственост на разни други компании каде што е мнозински државниот капитал и сопственост.
Дали во Владата воопшто знаат дека австриска ЕВН е државна компанија, дали знаат дека Нова љубљанска банка е државна банка, која кога продаде 30 проценти од својот капитал, не дозволи да купуваат соседите за да не ги контролираат финансиските текови на Словенија. Овој услов го постави словенечката влада, па така 30 проценти купија Белгијците.
Прашале ли нашите продавачи на туѓ имот како тоа златните кокошки носат поголеми јајца кога почнуваат да ги управуваат новите газди. Што мислите толку ли се глупави Германците, Грците, Словенците, Австријците и сите други државни големи корпорации кои ги купуваат националните богатства на земјите како што е Македонија каде што и воздухот мириса на корупција. И конечно, чуму беа сите тие протести пред „Електростопанство на Македонија“ организирани од ВМРО-ДПМНЕ кога Владата на Бучковски се подготвуваше да го приватизира. Или тоа беше протест да не го продава СДСМ тоа што сака да го продаде ВМРО-ДПМНЕ.
И конечно, едно прашање да јавноста. До кога молкум ќе гледаме како го распродаваат нашиот имот. Кога еднаш ќе викнеме рацете настрана арамии. Ова е наше.
|