07.09.2012, 18:11 Македонија како Реал Мадрид
Или во Хрватска го ценат македонскиот фудбал или претераа со цените на билетите, кои не се разликуваа од оние за мечевите на Динамо Загреб во ЛШ во минатата сезона
Од нашиот известувач Сашко Ѓ. Димовски
ЗАГРЕБ - Македонската фудбалска експедиција доби ВИП-третман за време на дводневниот престој во Загреб. Хрватските домаќини беа постојани придружници и на репрезентативците и на многубројната новинарска екипа. Тоа се однесува и за безбедноста. За да уживаме во чувството како да сме дома, бевме под будно око на припадниците на хрватското Министерство за внатрешни работи, кои деноноќно внимаваа пред хотелите во кои отседнавме. Кај фудбалерите нивното присуство беше подискретно, кај новинарите впечатливо.
Така, растоварени тргнавме да го почувствуваме пулсот и секојдневието на хрватската престолнина до тајмингот за тргнување кон „Максимир“ на синоќешниот дуел меѓу Хрватска и Македонија во квалификациите за Светското првенство 2014 во Бразил. Сончевото претпладне го искористивме за обиколка на централното градско подрачје. И, на прва, забележавме прва сличност со Македонија. Во очи влегуваат преполните кафетерии со гости во работен ден и во работно време. Втората работа со која се соочивме беа високите цени и покрај етикетите „распродажба“ и „снижување“ во речиси секој излог.
„Примам 5.000 куни месечна плата и тешко се врзува крај со крај“, вели случаен намерник, со кој имавме можност да поразговараме накратко. Притоа дознавме дека просечната плата во Загреб е околу 5.300 куни и веднаш се впуштивме во калкулација, пресметувајќи дека тоа се околу 700 евра. Во сумата се вклучени и примањата во јавната администрација. Инаку, надвор од неа, велат нашите домаќини, најголем број Хрвати работат за 3.500 куни. Прво, ни беше чудно дека со такви суми тешко се врзува крај со крај, за подоцна да почнеме да сфаќаме. Заклучокот е дека просечната плата во Хрватска е двојно поголема од македонската, но цените овде се и, често, двојно повисоки од кај нас, па оттука утврдивме дека просечниот Хрват и Македонец делат иста судбина во поглед на живејачката и стандардот.
Забележавме незадоволство кај хрватските граѓани, оние најискрените и најзагреани идолопоклоници на најважната споредна работа во светот, и тоа повторно во контекст на стандардот. Револтот се однесуваше на цената на билетите за синоќешниот настап на нивната репрезентација. Се продаваа од 60 куни до 250 куни или, преведено во денари, од 500 до 2.000, што е навистина многу.
„Толку беа и за дуелите на Динамо Загреб во Лигата на шампионите во ланската сезона, но тогаш во високите цени го имавме Реал Мадрид. Сега нема атрактивен противник, а цените повторно се високи“, вели еден од хрватските колеги, со кого имавме можност да размениме по некој збор по прес-конференцијата на Игор Штимац во „Загребело“ на „Крањчевиќева“. Сликата за високиот рејтинг ја комплетираат многуте помошни игралишта во неколку локации во Загреб. Имавме можност да го видиме тоа во споменатиот „Загребело“, потоа комплексот терени во рамките на „Максимир“, а домаќините велат дека има уште неколку такви низ градот. При нашите посети беа полни, тренираа деца од неколку возрасни категории.
„Вака е постојано. Ако сакаме фудбал, мора да обрнеме внимание и на базата. А, база се најмладите“, ни дофрли еден тренер, кој тукушто го заврши работниот час при нашето пристигнување на „Максимир“ за да проследиме дел од тренингот на нашата репрезентација во четвртокот.
Третата работа што може да се забележи е обемот на подигнување нови објекти во градот. Со оглед на тоа дека доаѓаме од град што е претворен во големо градилиште веќе подолг период наназад, не можевме а да не го нотираме тој момент.
„Па, добро, што чека Бандиќ? Наш Коце ова нема да го остави вака“, во шега коментиравме во автобусот при трансферот од аеродромот до хотелот при минувањето покрај големи тревни површини.
Мурињо се сретна со Пандев
Како што беше и најавено, Жозе Мурињо пристигна во Загреб и отседна во хотелот „Реџент Еспланада“ каде што е сместена и македонската фудбалска репрезентација. По пристигнувањето имаше срдечен поздрав со Горан Пандев. Каде што оди привлекува внимание, па така беше и вчера. Фоторепортерите и камерманите веднаш се фатија за работа по што реагира обезбедувањето. Португалецот го повлече капитенот на помирно место во рамки на објектот на раат муабет.
Ѓорѓиоски во Загреб од Нион
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, не беше дел од македонската експедиција од Скопје. На гостувањето на репрезентацијата во Загреб се приклучи од Нион, каде што беше на средба со првиот човек на УЕФА, Мишел Платини.
„Одлично минавме во Нион“, кусо коментира Ѓорѓиоски за време на вечерниот тренинг на националниот тим на „Максимир“ во четвртокот. Притоа го запознал Платини со текот на постојните проекти и активности и агендата за новите планови на ФФМ во иднина што наишло на одобрување и задоволство од Французинот.
И Мијатовиќ во хотелот на Македонија
Хотелот „Риџент Еспланада“ беше изборот за сместување во Загреб и за Предраг Мијатовиќ. И тој пристигна во текот на вчерашниот ден за синоќешниот дуел меѓу Хрватска и Македонија. |