Едиторијал
Борба со идеи, а не со летоци
Соња Маџовска
По двете програми, онаа на ВМРО-ДПМНЕ, „Преродба во 100 чекори“, а потоа истата, надградена и проширена, конечно, и СДСМ излезе со програма напишана на 200 страници под наслов „Решенија за Македонија“, со која реши да и' конкурира на владејачката партија со нејзиното „најмоќно оружје“ - економијата.
До сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ како аргумент во дебатите го користеше токму немањето, според нив, програма со која нивниот главен политички опонент, достојно ќе им конкурира на нивните „чекори“.
Ако во досегашното дејствување на двете партии кога тие беа или се на власт, често се мешаа лончињата, па социјалдемократите применуваа десничарки мерки и обратно, ВМРО - ДПМНЕ, социјалдемократски, сега е веројатно дека таквите концепциски „застранувања“ќе бидат надминати.
Но, што ќе се прави сега, ќе проработи ли и кај двете најголеми политички партии демократскиот сенс, да не се препукуваат и обвинуваат на слепо, туку да се борат за концепти и идеи, па народот сам на избори да реши кој од нив е подобриот?
Сега и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат историска шанса, како во секоја европска држава, да демонстрираат јавно конструктивна битка за подобри решенија во однос на тоа како да се подобри стандардот на граѓаните, да се зголеми вработеноста, да се намали сиромаштијата, кој е подобриот концепт кој ќе ги донесе странските инвеститори во земјава и ќе влијае на намалување на банкарските камати.
Пресудна улога треба да имаат финесите во програмските решенија што ги нудат политичките партии, а не кој подобро ќе ја „продаде“ програмата, односно ќе ја испечати во поголем број примероци, па ќе разлетаат летоци, плакати, спотови, за кои нарачателот често е непознат, ама најцрно што може се претставува програмата на противникот.
А, токму тоа се случи и овој пат.
За жал, расправата по промоцијата на новата програма на СДСМ на почеток не ветува многу, во поглед на градење конструктивен дијалог.
Главниот политички опонент на СДСМ, владејачката ВМРО-ДПМНЕ, без подетална анализа, веднаш извади оценки дека програмата е бледа, недоречена и без конкретни проекти. Се разлетаа анонимни летоци, кои не се ништо друго освен грда реплика на оние од пред десетина дена, со кои се оцрнуваше тригодишното владеење на Груевски.
Според експертите, ваквите ниски удари во никој случај не можат да бидат замена за вистинско соочување пред јавноста на главните конкурентски концепти.
Што понуди СДСМ, а што во тоа виде ВМРО-ДПМНЕ?
Најголемата опозициска партија го гледа економскиот спас за земјава во поинаква даночна политика од онаа на власта. Промовираа воведување прогресивен данок, со тоа што оние што земаат повисоки плати треба да плаќаат и повисоки даноци. Тука лежи најголемата концептуална разлика меѓу двата економски концепта на главните политички ривали.
Владејачката партија и овој предлог го дочека на нож, веднаш почна „натпреварот“. Преку прес-конференции, се води битка за тоа во чие време на владеење биле повисоки даноците, а кој ги симнал, наместо концептуалните разликите да бидат мотив за аргументиран дијалог.
Клучното прашање за тоа дали нешто се ефектуирало не е преку тоа дали се повисоки или пониски даноците, не дали се продале ЕСМ или „Телеком“, туку колку им се подобрил животот на граѓаните и, најважно, дали се отвориле нови работни места.
Тешко може да се поверува дека политичките партии не се свесни дека сите буџетски, даночни инвестициски зафати вредат колку бројката на нововработени луѓе, но не и избришани од список или на товар на државата, туку на товар на приватниот сектор.
Само така политичките партии можат да се мерат кој колку е појак.
Досега ниту еден економски владејачки концепт не донесе таква преродба. |