Нема сила што ќе ги избрка дивите пазарџии
Продавачите се распослани до коловозот на булеварот „Крсте Мисирков“, а кога врне, стреа им е новиот надземен пешачки премин
Снежана Калабакова
Дивите продавачи на Бит-пазар повторно се вратија на тротоарот пред зелениот пазар. На картонски кутии, на гајби, од кофи и разни пластични канти продаваат зеленчук, овошје, разни други производи... Бадијала се изгради надземен премин и нова средишна жардиниера за да се спречи претрчувањето од една на друга страна на булеварот „Крсте Мисирков“, кога пазарџиите се распослани речиси до коловозот, а кога врне, стреа им е новиот надземен пешачки премин. Очигледно, нема сила што може да ги избрка.
Оваа слика е позната и отпорано. По силниот притисок на надлежните од Чаир и полицијата, тие беа избркани, по што се преселија од другата страна на улицата пред поликлиниката „Бит-пазар“. Откако се пожалија и здравствените работници, бидејќи сето ѓубре им го оставаа пред здравствениот објект, пазарџиите беа избркани и оттаму. Останаа само продавачите на живина кои доаѓаат во пазарните денови и пред оградата на поликлиниката продаваат кокошки и петли. Сега продавачите на земјоделски производи повторно се од страна на зелениот пазар, наспроти убаво уредените нови булеварски жардиниери. Сликата е повеќе од грда, а ја гледаат и странците кои од аеродромот влегуваат во центарот на градот преку Бит-пазар.
Граѓаните реагираат до надлежните да не дозволуваат овој дел на градот да личи на село низ кое шетаат кокошки. Особено што на крајот на секој пазарен ден на тротоарите останува сето ѓубре што го оставаат продавачите.
Од Општина Чаир велат дека улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“ е градска, што значи дека Градот е тој кој е надлежен да ги тргне дивите продавачи. Но, оттаму, пак, тврдат дека ингеренции за санкционирање на трговијата надвор од пазариштата и на нелегалната трговија има пазарниот инспекторат, кој е во надлежност на Министерството за економија.
„Ние ги бркавме, ги брка полицијата, но тие пак се враќаат да продаваат на тротарите. Ставот на Општината е дека дивите продавачи не треба да бидат таму каде што не им е место“, вели Авни Калаба, одговорен за информирање во Општина Чаир.
Од СВР - Скопје тврдат дека вршат редовна обиколка на овој дел од градот и ги казнуваат дивите продавачи. Досега изрекле 10-ина казни за кои, согласно со Законот за јавна чистота, прекршителите платиле по 50 евра. Со казна од 300 евра, пак, казнувала Сообраќајната полиција за сторен прекршок зафаќање сообраќајна површина и за попречување на слободното одвивање на сообраќајот.
И од Државниот пазарен инспекторат, исто така, тврдат дека постојано имаат акции на различни делови од градот, а во врска со дивите пазарџии постапуваат според Законот за трговија.
Сепак, чудно е како и покрај редовните акции на надлежните и изречените казни, пазарџиите секогаш се на тротоарот.
|