ЕДИТОРИЈАЛ

Завршија среќните денови за Владата

Соња Крамарска

Една година по одржаните вонредни парламентарни избори на кои ВМРО-ДПМНЕ однесе триумфална победа, премиерот и партиски лидер, Никола Груевски, одлучи да го проветри владиниот кабинет. Смените почнаа од вицепремиерот за евроинтеграции, Ивица Боцевски, а завршија со министрите за земјоделство, Ацо Спасеновски, и за образование, Перо Стојановски, како и министерот за финансии, Трајко Славески, кој е најкрупна ѕверка во овој отстрел.

Но, останува клучното прашање што станува со министерот за правда, Михаило Маневски, кој беше фатен на дело за земање плата и пензија во исто време. Дали како покритие за срамот што Маневски и' го нанесе на Владата ќе послужи смената на генералниот секретар Стојан Тодоров или, пак, и неговата смена е само добро смислен маневар за да се покријат други работи. На овие прашања премиерот Груевски ќе треба да смисли реален одговор бидејќи е јасно дека без смена на Маневски целата владина реконструкција нема никаква смисла.

Енигма е и зошто Груевски отворено не пристапи кон реконструкција, туку одбра смената на министрите да ја изведе претходно, изнудувајќи оставки од нив. На тој начин, Груевски се доведе во непријатна позиција министерот за финансии Славески да му откаже послушност и да не даде оставка. Со тоа премиерот и партиски лидер ризикува кризата од Владата да се пренесе и во партиските редови. Трајко Славески до неодамна беше потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, а неговото име на партиската веб-страница е рангирано на високото трето место на листата на членови на Извршниот комитет, веднаш зад партискиот лидер Груевски и генералниот секретар Мартин Протоѓер.

Начинот на кој Груевски го отстрани Славески од Владата отвора и многу други дилеми. Никој не верува во можноста Славески да водел самостојна политика во неговиот ресор, особено ако се знае табиетот на Груевски да биде министер над министрите и неговото претходно искуство на местото министер за финансии. Преку смената на Славески, Груевски ја прекинува единствената нишка што го врзуваше со старото ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи сите други од неговата сегашно опкружување се новокомпонирани вмровци.

Денеска несомнено за Владата нема да биде пријатен денот, бидејќи во парламентот ќе се одржи расправа за оставките и за наследниците на разрешените министри. Славески веќе најави дискусија на која ветува дека ќе каже нешто во своја одбрана. Би било добро јавноста да слушне нешто повеќе и за вмешаноста на политиката во образованието, за што во својата оставка пишува министерот од овој ресор Перо Стојановски, за кого тоа е една од причините за повлекувањето.

Нема дилема дека најновите случувања во Владата означија крај на монолитноста во нејзините редови, и тоа не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку и во односите со ДУИ. Коалицискиот партнер Демократската унија за интеграција (ДУИ), која цело време ги брифираше медиумите за потребата од владина реконструкција, сега како едвај да дочека да му удри контра на Груевски. Партискиот потпретседател Џевад Адеми вчера јавно изјави дека нема потреба за смена на министри од нивните редови. Тоа без друго е порака до Груевски дека тој како премиер нема надлежност над министрите од ДУИ.

Овие денови е забележливо отсуството на премиерот од јавноста. Како да му завршија среќните денови на пуштање во употреба патишта, водоводи, спортски сали. Сега, кога треба да даде одговори на многубројните прашања што ги поставува јавноста, инаку агилниот Груевски реши да се затвори дома.

Можеби Груевски смислува нови оставки на министри. А можеби и ќе се осмели најпосле да го смени и Михаило Маневски, кој на несфатлив начин го издигна на пиедестал иако во очите на јавноста остана без кредибилитет за вршење на функцијата. Без смена на Маневски, операцијата за проветрување на Владата ја губи смислата и го пра��и Груевски уште поранлив наместо постабилен на премиерското место.