Зија Тонг Македонка со кинески корени

Мајка и' е од Скопје, а татко и' од Хонг. Оваа млада жена направи меѓународна кариера во телевизиското новинарство

Во полето на телевизиското новинарство Зија Тонг, порасната во Канада, направи кариера на меѓународната сцена, работејќи на разни наградени и познати ТВ-шоуа. Она што ја прави интересна за нас е дека зад ликот на оваа кинеска жена не се препознаваат корените во Македонија, но се факт.

„Родена сум во Лондон и пораснав во Хонгконг. Моето семејство се пресели во Канада кога имав 11 години. Мајка ми е од Скопје, а татко ми од Хонгконг“, објаснува Тонг. Прашана кои се културните разлики меѓу кинеското и македонското потекло на родителите и кои се сличностите, таа многу интересно објаснува: „Луѓето од македонската страна на моето семејство се веселници, енергични и многу поврзани. Времето го поминуваме смеејќи се и пиејќи турско кафе заедно. Кинеската страна на моето семејство е на некој начин поофицијална. Мојот дедо беше голем патријарх, многу мудар и честопати зборуваше со поговорки, а јас го обожавав. Тоа е како да имате свој личен Конфучие. И двете страни од моето семејство се доста големи. Имам многу братучеди низ светот и сите сме во контакт“, вели Тонг.

Нејзината академска кариера е фокусирана на психологија, социологија и комуникации. Што е она што го предизвикало нејзиното внимание во овие полиња и дали таа и претходно и' фрлила око на оваа професија? „Ги сакам ’ологиите’ бидејќи тие нудат многу различни начини на разбирање во светот во кој живееме и нашето место во него. Па така, полето на психологијата е фасцинантно од гледна точка на разбирање на човечката перцепција и перспектива, социологијата ни дава макро или општествен поглед. Работејќи моментално за ’Дејли планет‘ мојата неделна колумна е наречена ’Зијалогија‘ и покрива цел спектар од научни дисциплини - од антропологија и екологија до нанотехнологија и зоологија. Телевизиското новинарство е страст што сум ја имала отсекогаш. Порано си играв со мојата помлада сестра, која сега е ТВ-продуцент, користејќи го касетофонот со часови и создавајќи мали шоуа, кои потоа ги игравме за нашите родители“, се сеќава Тонг.

Голем дел од нејзината понова работа вклучува фокус на науката и технологијата, од „Вајерд саенс“ на ПБС, „Вајерд магазин“ и „Лидинг еџ“ до водител на „Дејли планет“ на Дискавери ченел и нова сезона на критички акламираната научна серија НОВА. „Дипломирав на комуникациски технологии во земјите во развој. Науката и технологијата оттогаш се силен дел од мојот поглед кон светот. Во смисла на емитувањето на научни емисии, мојата страст почна на 21-годишна возраст кога првпат ја посетив Африка. Пораснав гледајќи го Дејвид Атенборо и отсекогаш сонував да станам презентер на научни емисии, обожавам како е тој способен да инспирира и да ја дели стравопочитта кон природниот свет со ТВ-гледачите дома“, објаснува таа. Запрашана дали нејзината кариера ќе ја врати на некој начин во Македонија, таа вели: „Сигурна сум дека ќе се вратам во Македонија наскоро во посета, бидејќи голем дел од моето семејство се' уште живее таму. Мојата тетка, Лиле Корубин, исто така, работи во телевизијата и мојот чичко, Рубенс Корубин е професор и сликар.

Навистина треба да се консултирам со нив да видам дали има некоја интересна македонска тема од науката за обработка“. Околу тоа каков совет би им дала на младите што сакаат да имаат кариера во новинарството, таа вели дека кога почнувала, немала менаџер или некакво ТВ-искуство. Се пробивав со пишување на над две илјади електронски пораки до ТВ-продуцентите додека некој конечно не се согласи да ме пушти во етерот. Па, претпоставувам дека најдобар совет што би можела да го дадам е да се биде истраен. Навистина чудно, на кинески зборот „истрајност“ буквално е моето средно име“, вели таа.

(Гласот на Обединета

македонска дијаспора)


#