04.10.2012, 18:15 Добра волја или блеф на Грција?
Повеќе меморандум или повеќе ултиматум - е дилемата околу „мировниот предлог“ на Атина со кој решението се префрла пак од правен на политички терен
Слободанка Јовановска
Меморандумот на грчкиот шеф на дипломатијата, Димитрис Аврамопулос, вчера дојде како гром од ведро небо за државнот врв во Македонија. Намерно или не, тој му беше пратен на шефот на дипломатијата Никола Попоски доцна навечер, кога најголем дел од дипломатите се на одмор поради преселбата во новиот објект, а тој дојде од едно и се подотвуваше за друго патување.
Дали Атина ја презеде иницијативата во преговорите околу спорот за името на Македонија или само одговори на притисоците на Бан Ки -мун и Штефан Филе? Дали предлогот за решенија за спорот е повеќе меморандум или повеќе ултиматум? Дали во него е исцртана само грчката црвена линија или има ретерирања во позициите на Атина? Дали е трик да се замени Времената спогодба и да се стави во аут Хашката пресуда или е нивно олеснување? Дали е документ „земи или остави“ или рамка за која можеме натаму да преговараме, кои се евентуалните замки, и дали ако го прифатиме ќе треба да уриваме некои од спомениците - се дилеми на кои државниот врв вчера одбра да молчи, додека не ги испита деталите.
Бившите министри и премиери, пак, кои беа инволвирани во преговорите за името, се позитивни околу меморандумот на Аврамопулос, пред се' бидејќи го гледаат како гест дека владата на Андонис Самарас почнува да ги движи работите.
Според Владо Бучковски, иницијативата на Атина е чекор напред, иако има многу прашања што предизвикуваат контроверзи и бараат продлабочување. „Да, внатре е грчката црвена линија, но формализирањето на воспоставувањето нормална комуникација ни' остава простор и нам да ја исцртаме нашата “, оценува Бучковски, според кого ваква каква што е и како што е наведена и во меморандумот, таа линија не е основа за компромисно решение туку диктат од Атина.
Љубомир Фрчкоски, на прашањето дали гледа трик или добра волја во меморандумот, одговори неодредено. „Зошто да биде трик? Меморандумот е дипломатска алатка која треба да ја поттикне застанатата дипломатија и нема ништо лошо во тоа“, изјави тој, со забелешка дека всушност станува збор за малку посериозен акт од писмото што нашето МНР го испрати претходно на грчка адреса.
„Ништо не е драматично проблематично во овој документ, освен делот каде што се споменува ерга омнес, што треба да биде предмет на преговори а не основа за нив“, вели Фрчкоски посочувајќи го како позитивно тоа што во делот каде што се бара геогрефска дистинкција за името, според него тоа јасно се однесува само за државата но не и за името на народот.
„Последната реченица, дека ’секој предлог треба да содржи јасна и дефинитивна одредница за името, што нема да остави нејаснотии во однос на разликата помеѓу територијата на поранешна југословенска Република Македонија и региони во соседните земји’ не сметам дека е проблематична бидејќи остава можност идентитетот да остане македонски дури и да се викаме Северна Република Македонија“, вели Фрчкоски, со сомнеж дека тоа така ќе го прочита и државниот врв. Вториот новитет, барањето ерга омнес решение, според него бара натамошно дефинирање, т.е. објаснување - дали е за внатрешна или надворешна употреба, дали се однесува и на државите што веќе не' признале под уставно име и слични прашања.Тој не гледа опасност меморандмот да се наметне како нова Времена спогодба или да ја елиминира неа, бидејќи спогодбата е со повисок политички ранг од овој акт.
Срѓан Керим, пак, е резервирано позитивен, гледајќи ја оваа грчка иницијатива како одговор на последните меѓународни притисо��и, особено по посетата на генералниот секретар на ОН, Бан Ки - мун на регионот.
„По посетата на генералниот секретар на регионот и на Македонија се чувствува дипломатска раздвиженост во врска со решавањето на спорот. Сметам дека ова е дипломатска реакција на Грција да не се најде настрана од случувањата, откако генералниот секретар, ЕУ, САД и НАТО покажаа интерес за придвижување. Од наша страна мислам дека ќе биде прифатена принципиелно и позитивно и ќе се има мотив и потреба да се одговори, во смисла дека сме подготвени за разговори и дека е време за тоа“, вели Керим.
И тој е категоричен дека меморандумот не може да ја поништи Времената спогодба и да анулира било што што досега е договорено, уште повеќе што и самиот се повикува на резолуциите на Советот за безбедност. Керим додава дека не е проблем што во меморандумот не се споменува членот 11, инаку клучен за нас, а со кој се бара Грција да не ја блокира Македонија при прием со името БЈРМ, која патем во Времената спогодба беше именувана како „втора страна“ а сега во меморандумот на Грција се именува со референцата.
„Карактерот и тежината на овој документ се такви што не може да ја замени Времената спогодба“, категоричен е Керим додавајќи дека е легитимно што Атина си ја изнела ерга омнес позицијата, како што е легитимно во одговорот ние да си ја изнесеме нашата.
И за Денко Малески меморандумот е одговор на Атина на новиот политички контекст, т.е. притисоците, но и обид од правен барањето решение да се насочи повторно на политички и дипломатски терен, односно да се заобиколи Хашката пресуда.
„Во меморандумот во голема мерка е содржано она на што 20 години инсистира Грција“, оценува тој додавајќи дека главните проблеми ќе се создадат кога ќе се дискутира за историското наследство на Грција, во делот каде што се бара Македонија да се воздржува од употреба на симболите кои се дел од историското и културно наследство на оваа земја.
„Првиот момент кога ќе седнат да преговараат за меморандумот, ќе се појави проблемот со името, бидејќи Македонија одбива да потпишува документи со референцата БЈРМ“, предупредува Малески, иако според него споменувањето на ова привремено име на државата ја формализира грчката еволуција во спорот. Сепак тој нагласува дека се работи за нацрт документ, што значи дека е отворен за сугестии и од наша страна, а мотивот за него го гледа во обид на Атина да прикаже дека е конструктивна.
Барајќи ги замките во меморандумот, надвор од ерга омнес принципот и географската одредница, генерално паѓаат во очи неколку нешта. Имено, во меморадумот се зборува за „други отворени прашања“, иако во резолуциите на ОН се бараат преговори само за името на државата. Исто така, нема ни трага од членот 11 со кој се бара Грција да не става вета на прием со БЈРМ, но стои „желба да се види поранешната југословенска Република Македонија како полноправна членка на ЕУ и НАТО, под услов да ги исполнува сите потребни и сштински критериуми и предуслови“, што може да биде најава за грчко ретерирање во алијансата за БЈРМ, но и обратно, дека ни' нудат сами да си ја поништиме Хашката пресуда прифаќајки и други услови.
Замка е и обврската да не се мешаме под било кој изговор или форма во внатрешните работи на другата земја, бидејќи тоа ќе отвори простор за приговори од Атина секогаш кога ќе се спомене македонското малцинство и неговите права. |