14.08.2012, 18:15 Рано е за салутирање на УЧК
Слупчане покажа дека и покрај славењето на Рамковниот договор, Македонците и Албанците остануваат два паралелни света
Владата, Генералштабот и ВМРО-ДПМНЕ се оградија од завчерашниот настан во кумановското село Слупчане кога претставници на Министерството за одбрана оддадоа почит на загинатите припадници на УЧК. За разлика од нив, Министерството за одбрана смета дека понеделничкиот настан претставува придонес кон процесот на помирување, кој е неопходен за Македонија и за нејзините граѓани.
Од Владата тврдат дека немале донесено одлука за официјално одбележување на настанот во Слупчане. Генералштабот на армијата се огради од настанот. Како што стои во реакцијата, началникот Горанчо Котевски не бил информиран за настанот од МО.
„Лицата кои беа во придружба на министерот за одбрана се од составот на Министерството за одбрана“, наведуваат од ГШ.
Од владејачката партија, пак, соопштија дека не се согласуваат со завчерашниот чин на положување цвеќе на споменик на УЧК, во присуство на униформирани лица од македонската одбрана.
„Таквиот чин воопшто не ги одразува политиките и политичките ставови на ВМРО-ДПМНЕ. Ваквите настани не водат кон зголемување на довербата меѓу граѓаните на Македонија“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ, пак, смета дека врховниот командант на АРМ, претседателот Ѓорге Иванов, треба да одговори дали министерот Фатмир Бесими бил испратен од премиерот.
„Граѓаните треба да знаат дали тоа што се случи вчера е инцидентен настан или е промена во политиката што ја води оваа власт по тоа прашање“, реагираа од најголемата опозициска партија.
Се огласија и од МО. Тврдат дека потегот е политичка одлука со која целосно е испочитуван Законот за одбрана и не е прекршена ниту една законска одредба.
„За некои можеби беше спорно и поклонувањето на министерот за одбрана Фатмир Бесими пред споменикот на загинатите припадници на АРМ од 2001 година, но тој се одлучи да оддаде почит бидејќи тоа е негова должност како министер за одбрана на Република Македонија и верува дека помирување и заедничкиот живот се единствената иднина за сите граѓани на Република Македонија“, стои во реакцијата од МО.
Скандалот изби завчера кога првпат офицери на АРМ стоеја мирно пред спомен-обележјето на УЧК во кумановското Слупчане. Припадниците на армијата беа придружувани од министерот за одбрана Фатмир Бесими, вицепремиерот Муса Џафери и заменик-министерот за внатрешни работи Џељал Бајрами.
Досега, пред споменикот на паднатите борци во Слупчане се поклонуваа луѓе на ДУИ, но во својство на членови на партијата. (П.Р.)
|