Од денес почнуваат тропски горештини до 41 степен

Tемпературите највисоки од почетокот на летото, a УВ-индексот на сончево зрачење ќе биде 9

Од денеска до сабота температурите во државава ќе бидат највисоки од почетокот на летото. Под влијание на екстремно топол бран од север, температурите ќе се искачат и над 40 степени, а УВ-индексот на сончево зрачење ќе биде 9. Намалување на температурите за 6-8 Целзиусови степени и освежување со услови за слаб дожд се очекува од недела.

Според најавите на синоптичарите, денеска максималната температура ќе достигне до 37 степени, в петок до 39, а најтоплиот ден се очекува да биде сабота, со максимална температура до 41 степен од Целзиусовата скала.

„И во Скопје овие три дена ќе има слични температури, пониски за еден-два степена. В петок се очекува да дува и слаб до умерен ветер од северозападен правец. Вакво време ќе се задржи до недела, кога очекуваме да се спушти постудена маса од север што ќе предизвика посвежо време и пониски температури“, информира вчера Лена Јовановска, дежурен синоптичар во Управата за хидрометеоролошки работи. Температурите тогаш ќе се намалат за шест-осум степени во споредба со очекуваните за сабота.

Од вторник, пак, се очекува повторно покачување на температурите. Сепак, велат од УХМР, тие ќе бидат во благ пораст, односно ќе бидат слични на оние од изминатава недела. Максималната температура ќе достигне до 35 Целзиусови степени. (Дс.Т.)