Уште едно партиско милениче стана амбасадор
Нова тура амбасадори, од десеттемина што беа ставени на чекање поради економската криза, деновиве ќе заминат на новата функција. Вчера во Министерството за надворешни работи својата програма ја бранеше Игор Попов, новоименуван амбасадор за Словенија, а следен за заминување е новиот амбасадор во Турција, инаку привилегиран партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Горан Тасковски.
Тасковски, кој е тотален анонимус во дипломатијата, а не е којзнае колку познат ни во политиката, во Анкара ќе замине од функциите директор на поштата во Битола, прв човек на Општинскиот фудбалски сојуз, советник на Општината и член на неколку управни одбори пред да се донесе одлуката за конфликт на интереси од раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
Со овие заминувања остануваат празни уште четири амбасади на Македонија во странство, од кои една, за нас важна дестинација, во Бугарија, со која односите во изминатите две години се одржуваат на боца со кислород, а најавената посета на бугарскиот премиер Бојко Борисов никако да се оствари. Празни се и амбасадите во Шведска, Албанија и во Естонија. (Н.Р.) |