Ќуп со злато откриен на скопското Кале
Златните монети се од 13 век од никејскиот цар Јован III Дука, а има и венецијански сребреници
Катерина Богоева
Ќуп со 46 византиски златни монети ковани околу 1250 година од никејскиот цар Јован III Дука и 77 сребрени монети ковани од различни венецијански владетели во периодот од втората половина на 13 век, заклучно со 1280 година, е откриено во изминатите неколку дена на тврдината Кале, во рамките на тековните археолошки истражувања раководени од археологот, Драги Митревски.
„Тоа е периодот во кој откриеното богатството било и закопано, а неговото откривање е од големо значење, бидејќи го илустрира последниот период на животот во византискиот град, урнат со доаѓањето на Србите, по што ќе следува период на интензивна градежна активност од нивна страна на овој, и во просторот на скопската околина. Во тој мирен период за Скопје се изградени и најрепрезентативните градби,чии остатоци сега ги откриваме со истражувањата што продолжуваат да се реализираат на ударниот просторот, под познатата бина на Калето.
Годинава го дозаокружуваме претходно парцијално истражуваниот простор, ги дооткриваме остатоците од градби што веруваме дека ќе бидат интересни за натамошна конзервација и реставрација. Очекуваме да се појават убави градби кои на Калето му го даваат неговото административно, политичко и културно значење во средновековниот период, од 10 до 15 век, во времето на владеењето на царот Самоил до доаѓањето на Турците. Со новите откритија добиваме појасна слика за тоа што во тој период се случувало тука, се откриваат и остатоци од царскиот дворец почнувајќи од времето на царот Милутин, но и други градби подигнати за време на српското владеење до 1392 година“, ни изјави вчера Митревски.
Годинешните истражувања течат веќе трет месец, а заедно ги реализираат Институтот за Историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултетот во Скопје и Музејот на град Скопје. |