05.10.2011, 13:39 Арифи: Извештајот ќе биде сличен како ланскиот
Вицепремиерката за европски прашања смета дека ќе содржи препорака за старт на преговорите, ќе ги нотира постигнувањата, но и областите каде е потребен поголем напредок.
Претстојниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија ќе биде сличен на минатогодишниот, ќе содржи препорака за старт на преговорите, ќе ги нотира постигнувањата, но и областите каде е потребен поголем напредок, изјави на денешната средба со новинарите вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи.
Според неа, тоа ќе биде објективна слика за реалноста во земјата, и оти битно е документот да го прифатиме добронамерно и конструктивно.
- Треба да бидеме задоволни со оглед на задржаната препорака, нотираниот успех и да работиме на подобрување. Не треба да западнеме во евроскептицизам, а тука улогата на медиумите е многу важна, вели Арифи.
Позитивни оцени треба да добиеме во делот на исполнувањето на политичките критериуми, односно дека земјата ги исполнува Копенхашките критериуми, и за хармонизацијата на законодавството со правото на ЕУ. Забелешки се очекуваат во делот на реформите во судството и администрацијата, каде ќе ни се укаже за потребата од забрзување на реформските процеси, како и имплементација на донесените закони. Во однос на медиумите ќе биде поздравен воспоставениот дијалог меѓу Владата и ЗНМ. Владата, информира Арифи, веќе формирала работна група со ЗНМ во која покрај неа, членуваат и министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика, Гордана Јанкулоска и Спиро Ристевски. ЗНМ од своја страна треба да номинира четворица претставници.
Откако ќе заврши политичката дебата во која секој различно ќе го чита Извештајот, треба да се изготви нов интензивен план за реализација на препораките, вели Арифи.
|
|