13.12.2012, 14:08 Видни гости на проекцијата на „Трето полувреме“ во Л.А.
Македонскиот кандидат за „Оскар“ беше прикажан во Центарот „Симон Визентал“ и во склоп на оскаровската кампања рекламиран и во највлијателните филмски магазини
Cиноќа во Центарот „Симон Визентал“ на Беверли Хилс беше прикажан нашиот годинашен кандидат за номинација за „Оскар“, филмот „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, кој собра видни личности од јавниот живот на Лос Анџелес. Меѓу триста гости, присутни беа и: Бони Арнолд - продуцентот на „Приказна за играчките“, Михаел Беренбаум - автор на Меморијалниот музеј на холокаустот во Вашингтон, потоа Ари Зев - директор на Спилберговата фондација „Шоа“, Давид Франко - музички супервизор на студиото „Парамунт“, како и претставници на „Баварија филмс“ и „Семјуел Голдвин филмс“, холивудски продуценти, агенти, но и преживеани затвореници од логорите Аушвиц, Дахау и Треблинка. На проекцијата беше присутен и режисерот Дарко Митревски, актерката Катарина Ивановска и продуцентот Роберт Насков.
По проекцијата следуваше разговор со публиката, кој го водеше Том Тугенд, новинар на „Џуиш џурнал“, и американски воен ветеран, кој учествувал во истоварувањето на Нормандија. Режисерот Митревски зборуваше за мотивите и вистинските приказни врз кои е базиран филмот, а своето излагање го почна со зборовите: „Во историјата на човештвото имало многу геноциди, масакри, злосторства... Но, она што го разликува холокаустот од сите нив е тоа што во него е извршена севкупна злоупотреба на целата наша цивилизација, на сите нешта кои ние како човечка раса сме ги изумиле за наш прогрес. Злоупотребена е медицината, злоупотребена е хемијата, злоупотребена е политиката, идеологијата, техниките на војување, психологијата, науката, сообраќајот, железничкиот транспорт, политичкиот маркетинг, јавните медиуми, сето она што сме го создале за да правиме добрина, а не зло. Дури и самиот термин ’фабрики на смртта‘ е первертиран, бидејќи фабрика е место каде што нешто се создава, а не место за уништување. И, што е најстрашно, во тоа учествувале милиони луѓе и страдале милиони луѓе. Тоа само покажува колку ние како вид сме подложни на корупција - и затоа секоја генерација треба и мора да прави филмови посветени на ова масовно злосторство“.
Деновиве филмот беше интензивно рекламиран во професионалните магазини „Вараети“ и „Холивуд репортер“, а наскоро следува уште една завршна проекција во Линколн центар во Њујорк. Овие проекции се дел од финалните активности во оскаровската кампања за овој филм. Гласањето на членовите на Американската филмска академија се затвора на 17 декември, а изборот на деветте филма кои влегле во потесниот избор за номинација за наградата за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје ќе биде соопштен на 2 јануари 2013 година. Во меѓувреме, филмот беше прикажан и на дистрибутерски тест-скрининзи во Чикаго, каде што 78 проценти од посетителите го оценија филмот со највисока оценка. |