Националниот парк „Пелистер“ под клуч
На портите од планинарските домови среде туристичка сезона се ставени катанци
БИТОЛА - Националниот парк „Пелистер“ е под клуч?! Оваа вест можеби на прв поглед ќе прозвучи како шега, но, сепак, е вистина. Како може поинаку да се гледа на фактите кога среде туристичка сезона, кога домашни и странски туристи посакуваат престој и уживање на чист воздух, на портите од планинарските домови се ставени катанци.
Ова се случува со планинарскиот дом на Копанки во кој за малку пари
може да се преноќева, но и во домот на Големо езеро. Домот на Копанки располага со над сто легла, а на Големо езеро можат да преноќат околу четириесетина гости. Ноќевањето чини од 100 до 200 денари. Тие се затворени преку неделата и работат само за викендите. Престојот во работни денови е можен само со претходна најава.
Ваквата ситуација можеби не би била проблем за домашните туристи, но што е со странците? Под клуч е и единствениот информативен центар на Пелистер или објектот кој е попознат како „Вилата на Лазо“.
На Пелистер доаѓаат се' повеќе странци. Од Националниот парк потврдуваат дека најмногу посетители има од Австралија, Израел, Турција, Америка, но и од Велика Британија.
Желбата за летување и уживање во убавините на Пелистер е можна само ако се одврзе ќесето за хотелот „Молика“ или за дел од приватните хотели изградени во подножјето на планината.
Со планинарските домови управува спортско-планинарски клуб, а со најголем дел од објектите во паркот не стопанисува Националниот парк „Пелистер“, иако се лоцирани во заштитениот дел на планината.
Еднакво се разочарани туристите, планинарите, вљубениците во природата. ,,Доаѓаме од Сиднеј по 25 години. Сакавме на децата да ја покажеме Македонија, да ги прошетаме низ Битола, да одиме на Пелистер, да пешачиме до врвот и езерата и да преноќиме во планинарските домови. Понесовме и вреќи за спиење, храна, се' што сметавме дека е потребно. За жал, моравме да се вратиме во Битола уште истиот ден. И домот на Копанки и домот на Големо езеро беа затворени“, раскажува Мајкл Таневски од Австралија, со потекло од демирхисарското село Илино.
Планинарите од Битола не паметат планинарските куќи на Пелистер да бидат затворени во екот на летната туристичка сезона.
„Со децении сум на Пелистер. Никогаш не се случило да бидат затворени сите објекти во текот на неделата. Ние, планинарите, не сакаме да ноќеваме во хотели. Ги сакаме домовите, сами да подготвиме чај од планински билки и да направиме храна. Во тоа е убавината на планината. Ама, ете, годинава ништо не функционира“, се пожали искусен планинар од Битола.
Единствениот објект со кој стопанисува Националниот парк „Пелистер“ е Информативниот центар или попознат како „Вилата на Лазо“. Но, и тој е затворен. Од управата на паркот велат дека Центарот се' уште не е опремен и не може да го користат туристи. А плановите беа сите информации потребни на посетителите за престој на планина да се добијат токму на ова место. И не само тоа, туку да бидат ставени на располагање и планинарските водичи и службата за спасување.
„Информативниот центар летово не е отворен затоа што нема опрема. Мебелот се изработува. Се планира кујна, библиотека, сала за состаноци. Се надеваме тоа да биде готово до крајот на јули“, изјави Сашо Мицевски, директор на Националниот парк „Пелистер“. Инаку, „Вилата на Лазо“ целосно беше реконструирана пред две години, со средства на Швајцарската агенција за развој и соработка.
Тоа дека функционирањето на планинарските домови не стои како што треба увиделе и од управата на Националниот парк. Директорот Мицевски вели дека цела година чекаат Владата да одлучи за планинарските домови дали, конечно, ќе им бидат дадени на управување на националните паркови или со нив и натаму ќе раководат спортско-планинарски друштва, кои едвај опстојуваат со пари.
„Уште лани побаравме да ги добиеме домовите на Копанки и Големо езеро. Засега нема решение. Одлуката ќе биде заедничка, најверојатно, за сите планинарски домови во државата. Тие се на државен имот, а само се дадени на користење на клубовите“, објаснува Мицевски.
Од спортско-планинарското друштво „Пелистер“ од Битола велат дека ова лето работата на домовите не е ништо поразлична од претходните години. Копанки работи секој ден, но признаваат дека се прават и исклучоци. Како и тоа дека секој што сака да престојува во домовите во текот на работната недела треба да ги покрие трошоците на домарите. Тоа еднакво важи и за домашните и за странските посетители.
„Ако некој сака да дојде во планинарските домови, треба да се најави во клубот. Од петок до недела на домарот му плаќаме дневница, а во делник треба да му платат посетителите“, изјави Димче Попов, претседател на спортско-планинарското друштво „Пелистер“ од Битола. Според Попов, Националниот парк не може да бара владение врз домовите, бидејќи нив ги градеа планинари и општината. (А.Б.) |