Мислења
Укинувањето на визите и печалбарски перспективи
Назми Малиќи
Со помпезната промоција на либерализацијата на визите со цел владин кабинет се прикриваат неуспехот и нереализирањето на обврските добиени од граѓаните
За политичките околности е од големо значење политичарите да имаат ниво на одговорност и зачувување на совеста и да ги заштитат своите активности од неконтролирани и неодговорни политички настапи во комуникација со јавноста. Во вакви околности се создава основа за формирање приспособлив политички амбиент, во кој ќе се покаже способност да се увиди и разбере реалната политика, а во исто време да се манифестира и способност, пораките да им бидат пренесени на граѓаните и да им се овозможи правилно да ја разберат ситуацијата низ која минува државата. Ова подразбира дека политичарите нема да бидат политички актери само поради дефилирање и ТВ-парада, туку ќе покажат готовност на граѓаните да им се покаже пример за добро однесување, да се добие или да се зачува симпатија преку способноста за прифаќање проекти и предизвици и тогаш кога се појавуваат одредени разлики. Политичка мудрост и државничка одговорност е особено искажување готовност за поддршка на процесите што носат позитивни промени во државата.
Во контекст на политичката сцена во Република Македонија во односот позиција-опозиција, во однос на идеолошко престројување, во однос на, условно речено, македонски и албански партии – интересно е да се анализира нивната политичка култура и одредени прашања и дилеми. Колку се почитуваат правата и слободата на граѓаните, колку и како е разбрана плуралната демократија, зошто во одредени моменти партиите од власта градат вербализам во функција на политичката тензија, какво е влијанието на мас-медиумите, во колкава мера власта остави слободен простор да се соочува професионалноста во државната администрација, во јавната администрација, дипломатијата, во универзитетите (ова особено се однесува на политизација и партизација на Државниот тетовски универзитет од двете албански партии ДПА и ДУИ). Зошто се' уште на политичката сцена се актуализираат теми со сомнителен политички морал и пораки. Доколку не се елиминираат еуфоричните активности на политичарите, кои со нивните настапи во најголем број случаи ги имаат без покритија, тогаш ќе недостасува и нивото на одговорноста и во ситуации на евентуални кризи, дали се тие политички, социјални, економски итн.
Доколку економската благосостојба и демократските стандарди се прифатат како заедничка вредност, тоа кажува дека просторот за изнаоѓање заеднички односи ќе се случуваат и ќе се конкретизираат со консензуална политика на проекти. Дали е крајно време да се разберат правилно пораките дека оваа држава не може да биде стабилна доколку се заобиколуваат проекти кои значат зачленување на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Вака размислувам затоа што го имам предвид политичкиот факт во РМ каде што имаме апсолутна власт на една партија без силна или невлијателна опозиција. Една опозиција која сега за сега не нуди проекти кои ќе им бидат конкурентни на позицијата. Опозициските пораки се недоволни ако само се прифаќаат интегративните вредности што ја водат Македонија во НАТО и во ЕУ, ако и понатаму остануваат без конкретни проекти кои имаат смисла за конкурентност и кои ќе и' бидат значајни за перспективата на државата и граѓаните. Секако, стандардите на ЕУ значат градење правна држава, пазарна економија, почитување на човековите права итн., стандарди кои треба да се градат и да значат поперспективна економска социјална иднина на граѓаните на РМ. Тоа ќе значи да се создаваат услови за есенцијална вредност што ја прават разбирлива политиката и власта.
Инте��есна е владината промоција за добрата вест од пораката на ЕУ, за либерализација на визите за граѓаните на РМ. Во време кога продолжуваат да влијаат одредени невредности со злоупотреба на незавидната социјална состојба на граѓаните на РМ, ваква промоција на најважен настан во земјата, во некоја мера, значи недостиг од чуство за емпатија, бегање од реализација на проекти што би значеле за граѓаните на РМ, за да ја својата перспектива видат дома. На некој начин помпезната промоција на либерализација на визите (со цел владин кабинет) од страна на Влада на РМ значи маска за прикривање на неуспехот, за нереализирање на обврските што ги добиле од граѓаните. Ваквото однесување не може да биде без влијание и настојување за одолжување на латентната социјална состојба на граѓанинот, имајќи ги предвид следниве фактори - нискиот стандард на живеење, семејната несигурност, висината на материјални приходи на семејството, невработеноста на членовите на семејството, неперспективна политика за земјоделците итн. Жално е ако со укинувањето на визите од ЕУ се настојува да се мамат семејствата кои се погодени од социјална несигурност и ако им се нуди една перспектива за трагање по елементарна егзистенција. Точно е дека со либерализација на визите граѓаните се приближуваат до идејата на Европа за слободно движење на луѓе, услуги, стоки и капитал, се приближуваат до придобивките на европската идеја, но тоа никако не би значело бегање од дома и дел од граѓаните на РМ да ја градат својата перспектива со печалбарски живот.
Крајно е време партиите од власта да настојуваат да ги поттикнат позитивните процеси, посветувајќи се на настани што можат да бидат поттикнувачки, кои создаваат простор за имплементација на нова констелација на проекти што нудат економска перспектива. Политичкиот кадровски потенцијал позиција-опозиција во РМ треба да биде во служба на доближување на позициите од државен интерес. Во РМ, од политичките структури на власт или од опозиционите треба да се создадат реални услови за хармонизирање на политичките активности, за создавање реална политичка доверба и сите интегративни активности внатре во државата да се претворат во политичка конкуренција, унапредувајќи ја формата на вистински дијалог за зачувување на вредностите за плурално политичко дејствување.
(Авторот е универзитетски професор) |