„Ла круа“: Седумнаесет години Македонија е земја без име

Францускиот дневен весник „Ла круа“ деновиве многу реално пишуваше за спорот со името меѓу Македонија и Грција

Од нашиот дописник
Тони Гламчевски

Нанси - Францускиот дневен весник „Ла круа“ е еден од ретките француски весници кои редовно и со голема објективност известува за случувањата на Балканот. Деновиве весникот опширно пишуваше за спорот со името меѓу нашата земја и нашиот јужен сосед. Уште во почетокот на репортажата, репортерот на весникот ги пренесува зборовите на триесетгодишниот Петар, кој раскажува дека на грчката граница грчките полицајци не „сакаат ниту да ги допрат“ македонските пасоши, бидејќи на нив стои Република Македонија. Петар, кој минатото лето заминал на одмор во Грција, раскажува дека Грците ја даваат визата на посебна хартија и дека контролата се врши само на овој единствен документ... „Апсурдна ситуација, како и се' друго во односите меѓу Македонија и нејзиниот грчки сосед“, заклучува „Ла круа“.

Весникот потсетува дека Македонија од денот на нејзината независност е постојано изложена на притисок за да го промени нејзиното име. Причина се ревандикациите од двете страни на античкото наследство на Филип и на Александар.

Но, Грците не сакаат да го споделат тоа наследство со никој друг, за нив Македонија припаѓа на грчкото наследство и точка. Но, Македонците, и покрај тоа што се изложени на постојан притисок од 1991 година да го сменат името, не се откажуваат. „Македонци се и Македонци треба да се викаат!“

„И покрај сето ова, двете земји соработуваат“, забележува парискиот весник. Грците денес се првите инвеститори во Македонија, тие се присутни во банките, рафинирањето на нафтата, мобилната телефонија. Без излез на море, Македонија нема друг избор, коридорот што води кон Солун за неа е од суштинско значење. Сепак, развојот на односите меѓу двете земји се сопнува на спорот околу името. Францускиот весник ги спомнува проблемите на Македонската авионска компанија – МАТ, која само поради нејзиното име, испишано на нејзините авиони, нема право да се слетува на грчките аеродроми. Поштата, исто така, имаше проблеми...

Во април земјата сериозно се соочи со ветото на Грција за членство во НАТО. Денес таа стравува дека истото тоа може да се случи и на патот кој ја води кон ЕУ. Според „Ла круа“, иднината на Македонија е во ЕУ. Но, европските земји не вршат притисок врз Грција поради европската солидарност. Не можејќи ништо да направат, незадоволството на Македонците е уште поголемо: „Кој друг отколку ние самите може да знае како да се именуваме“, се прашува во весникот шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски. Тој, притоа, потсетува дека Македонија уште во 1993 година прифати да го промени знамето за да ги задоволи Грците, „но нашето име е нашиот идентитет!“ За да не им останат покусо на Грците, Македонците го именуваа аеродромот во Скопје „Александар Велики“. Една огромна глава од најславните Македонци, на Александар, го краси аеродромот. „Грчките авиони кога се спуштаат на овој аеродром не го кажуваат името на аеродромот на кој пристигнуваат“, нагласува весникот „Ла круа“, кој притоа потсетува дека историјата на Македонците и на Грците е „длабоко поврзана“.

Грците сметаат дека современите Македонци го узурпираат наследството и дека словенското население пристигнало во регионот во VI век. На тоа Македонците одговараат дека Грците не го сметаа на времето Александар за Грк, туку за „варварин“. Директорот на македонските музеи Паско Кузман му ги покажува на новинарот на „Ла круа“ античките остатоци во Охрид и прашува како може да се рече дека тие се грчки. „Тие се македонски!“ „На кој јазик зборуваше Александар? Тој з��оруваше на грчки, бидејќи тој беше регионален јазик за комуникации како денес англискиот“, инсистира Кузман.

Сепак, грчко-македонската караница, според францускиот весник, не се храни само со антиката, туку и со поновата историја, од последиците на студената војна. „Ла круа“ прв пат по долги години се осврнува накратко и на проблемот со Македонците-бегалци од Граѓанската војна во Грција и на нивните барањата да им се вратат имотите, како и за непризнавањето на македонското малцинство во Грција.

Седумдесет и тригодишниот Ѓорѓи Доневски е роден во селото Бапчор, на северот на Грција, каде што живееја Македонци. Во 1949 година селото беше во целост уништено во последната епизода од Граѓанската војна во Грција. Денес, Доневски е на чело на едно здружение на бегалци. Тие ги умножуваат тужбите пред Европскиот суд за човековите права во Стразбур за да им се вратат имотите во Грција. „Грција ни ги одзеде нашите имоти. Таа продолжува да го негира нашето постоење како што го прави со сите Македонци. Грција смета дека Македонија постои, но не и Македонците“, вели Доневски.

Еден анонимен западен дипломат од Скопје оценува дека „онаа грчка влада која ќе попушти, веднаш ќе биде избришана. Но, и во Скопје промената на името, исто така, изгледа невозможна поради кревкоста на земјата.

„Отворање дебата за името е опасна игра за Балканот, бидејќи тоа може да го доведе во прашање и самото постоење на земјата. Ако двете земји пронајдат компромис за името, тој треба да биде потврден преку референдум од страна на македонските граѓани“, заклучува „Ла круа“. (Т.Г.)