27.06.2012, 17:00

По кој критериум ќе се избираат новите полицајци?

Опозицијата го отвори прашањето зошто се прават измени во Законот за внатрешни работи откако веќе беше објавен оглас за 300 нови полицајци

Даниела Трпчевска


Револуционерни измени или обид да се прикрие политичката одговорност на раководните луѓе во МВР. Власта и опозицијата вчера ги кршеа копјата околу предлог-измените на Законот за внатрешни работи, на јавна дебата во Националниот совет за евроинтеграции. По кој закон ќе бидат примени новите 300 полицајци во МВР, се отвора ли можност за нова партизација на полицијата, постои ли опасност од уништување докази, се само дел од дилемите кои беа отворени на расправата. Додека претставниците на власта и на Јавното обвинителство во новите измени гледаат револуционерни решенија, кои не' приближуваат кон европското законодавство, опозицијата во новите измени гледа „тајни намери“.

„Што сакате да направите. Дали со ова се создаваат законски можности да скриете или да уништите важни докази кои постојат во МВР и да исчезнат од тамошната архива“, запраша Емилијан Станковиќ од СДСМ, осврнувајќи се на измените кои се однесуваат на воведувањето посебна глава за должностите како се извршува наредба за итни и специфични работни задачи.

Според него, станува збор за „класично перење на совеста за да се создаде избегнување на политичката и другата одговорност на министерката за внатрешни работи. „Оваа одредба е за еден трагичен настан, убиството на младото момче Мартин Нешкоски“, рече Станковиќ.

Новите измени на јавната дебата ги бранеше заменик-министерот за внатрешни работи Џелал Бајрами, кој рече дека главна измена е преминувањето на надлежностите за водење на истрагата од МВР во Обвинителството. Друга новина е воспос��авувањето нов систем на рангирање на платите, а во план е да се врати на сила и стара норма, која функционирала до 2009 година, за санкционирање на полициските службеници по кратка постапка.

„Друга измена е тоа што ќе имаме законска основа со усмена наредба, поткрепена со писмена во рок од 48 часа, полициските службеници да бидат испраќани на работни задачи надвор од нивните надлежности. Станува збор за итни и специфични ситуации“, вели Бајрами.

„Како може“, запраша Становиќ, „во законот да се тврди дека недостигале надлежности - тогаш како работеле полицајците во изминатите години? Кого слушале специјалците и другите припадници на МВР досега?“ Тој цитираше правилници од МВР каде што детално се утврдени надлежностите на полициските припадници.

Професорот на Правниот факултет Гордан Калајџиев смета дека законот не овозможува алатки како полицијата ќе му помага на тимот во Обвинителството при истрагите, а нејасно е и како ќе се врши изборот на кадрите кои би работеле со обвинителите. Претставникот на МВР е дециден дека во истрагата ќе учествуваат луѓе кои исклучиво имаат искуство во оваа област.

Селективното одлагање на Законот за кривична постапка, каде што еден дел се пролонгира за две години, а оној кој се однесува на дела од организираниот криминал е во собраниска процедура, може да доведе до поголеми проблеми, смета професорот Калајџиев.

„Предлагам законот да се помести за шест месеци за да се обезбедат подготовките и да се зголеми бројот на кадрите во Обвинителството“, вели тој.

Опозицијата го отвори прашањето зошто измените се прават откако веќе беше објавен оглас за 300 нови полицајци, и запраша по кои критериуми тие ќе бидат избрани.

Гордан Георгиев даде сериозни забелешки за системот на кариера во МВР. Тој посочи неодамнешен пример каде што место најдобро рангираниот кандидат, раководното место го добил вработен кој дипломирал на Педагошкиот факултет и ги немал потребните бодови.

Според Неџат Елези од Јавното обвинителство со донесениот закон за кривична постапка од 2010 година е направен револуционерен преод во нова постапка во согласност со европските стандарди. „Никој од нас не се плаши од реформи“, рече тој. Со ова се согласи и потпретседателката на Собранието, Сузана Салиу, истакнувајќи дека со ова ќе се измени целиот концепт за кривичната постапка.

„Јавниот обвинител сам ќе пробира докази, факти, полицијата ќе биде обврзана да работи под нивна контрола и да се придржува до нивните наредби. Повеќе нема да се даде амин на се' што ќе биде поднесено од полицијата“, вели Салиу.