Големи критики за однесувањето на полицијата
Дали полицијата на изборите беше полојална кон партиите или кон државата
Даниела Трпчевска
Зголемен број полицајци на гласачките места, хеликоптери, „ебри“, „алфи“ на секој чекор. Ваквото рекордно присуство на полицијата како превентива за изборните инциденти беше најавено само неколку дена пред да се одржи неделното гласање. Целта беше да се спречат и избегнат инцидентите, а земјава да го обели образот и да си го олесни трнливиот пат за влез во НАТО и во ЕУ.
Но, работите тргнаа во сосема спротивна насока. Се вративме пред 2001 година, оценуваат аналитичарите, додавајќи дека полицијата не само што не помогна во спроведувањето фер и демократски избори туку дека демонстрираше оти, и покрај бескрајните домашни и странски реформи, се' уште е она што беше во поранешниот систем – партиска полиција.
Американската амбасада преку соопштение побара од Владата да ги отстрани сите официјални лица од органите на редот чија лојалност е спрема политичка партија, а не спрема професионална полициска работа. Амбасадорката на САД, Џилијан Миловановиќ, изразува загриженост за сериозните недостатоци што ги согледале домашните и странските набљудувачи. „Мора да се постават и целосно да се спроведат стриктни полициски процедури за заштита на гласачите, членовите на Изборната комисија и набљудувачите за да не се повторат случувањата од 1 јуни. Владата мора жестоко да ги истражи, гони и соодветно да ги санкционира оние кои ги попречиле настаните, а кои и' го одзедоа демократскиот имиџ на оваа земја“, е ставот на амбасадата на САД.
На многубројните критики од странските претставници во земјава, од МВР одговараат дека ќе бидат бескомпромисни спрема секого што бил инволвиран во инциденти, особено ако станува збор за припадници на полицијата. Како прв чекор го најавуваат тоа што против тројца припадници на МВР веќе се поднесени кривични пријави за учество во изборни инциденти.
Аналитичарот Суад Мисини оценува дека е жално тоа што треба странските набљудувачи да ни ја кажуваат очигледната катастрофа. „Полицијата не помогна во спроведувањето фер и демократски избори. Ако се најавуваше пред изборите дека ќе има полициско присуство повеќе од кога било, а се случи да има насилство повеќе од кога било, може ли некој поинаков заклучок да се изведе од тоа дека полицијата не ја заврши својата работа, односно вршеше туѓа работа“, прашува Мисини.
За него е нејасно зошто е дозволено во толку многу места локалните набљудувачи да бидат бркани од избирачки места, но и дека „на неколку места униформирани лица ги спречувале граѓаните да гласаат, каде што потоа се покажало дека се донесени наполнети гласачки кутии“. „Поентата е многу едноставна, дали Албанците во Македонија се див народ и го урнисуваат угледот на земјава или институциите го уништуваат угледот со тоа што не функционираат или функционираат според одредени сценарија што му одговараат некому“, прашува Суад Мисини.
Гласачко место во Ново Село е затворено затоа што неидентификувани лица упаднале за време на гласањето. Неидентификувана група направила неред и го избркала набљудувачот на „Мост“ и во Боговиње. Во Желино повторно е повлечен набљудувачот на „Мост“ откако била наполнета гласачката кутија... Ова се само дел од изборните неправилности што ги регистрираа мониторите на граѓанската асоцијација „Мост“.
Претседателот на „Мост“, Дарко Алексов, потврдува дека беше забележливо големо присуство на полицијата на гласачките места, но, според него, бројката и не е толку важна колку што е важно како тие реагирале во дадени ситуации.
„Ако се сеќавате, ДИК непосредно пред денот на изборите ја повика полицијата да се придржува до Кодексот за постапување донесен од страна на ДИК. Задача на полицијата е на повик на претседателот или член на ИО да влезе во избирачкото место и да воспостави ред. Оттука се поставуваат неколку прашања - дали и кога ОИК или ИО барал интервенција од полицијата и дали полицијата реагирала само кога била повикана“, прашува Алексов, нагласувајќи дека, сепак, факт е тоа што сите оружени инциденти се случија надвор од избирачките места.
Тој нагласува дека случаите во кои нивни набљудувачи биле избркани од избирачките места не се случувале во присуство на полицијата. „Информација за реакција на полицијата во случај кога наш набљудувач бил избркан од гласачкото место до нас не стигнала“, децидни се од „Мост“, кои со 3.500 набљудувачи мониторираа 70 отсто од гласачките места во земјава.
„Како и за организацијата на сите избори одговорноста, пред се', лежи во државните институции и во оние кои раководат со нив. Ја плаќаме цената на она што беше очигледно од самиот почеток. Се' беше подредено на победа по секоја цена: предвреме започната агресивна и скапа кампања финансирана од нелегални пари надвор од сите законски лимити, јавно искажаниот збор никогаш не бил на пониско ниво, до крај контролирани и замолчени медиуми во кои воскреснаа партиските пропагандисти и активисти и серија сериозни инциденти кои останаа нерасчистени и практично ја отворија вратата за грдите настани од 1 јуни“, вели претседателот на Хелсиншкиот комитет, Исо Руси.
Според него, се покажа дека институциите на државата се партизирани до крај. „Не се знаеше кој пие, ама се знае кој плаќа. Полицијата демонстрираше дека, и покрај бескрајните домашни и странски реформи, се' уште е она што беше во поранешниот систем – партиска полиција. И уште полошо, полицијата во служба на коалицијата на власт се подели по етничка основа. Прв пат значајна вертикала во МВР е контролирана и злоупотребувана од албанскиот партиципиент во власта. Јалови беа предупредувањата дека функционер во МВР може да го контролира партискиот активист во истата личност, туку дека ќе се случува обратното – целата структура партиски активисти во МВР да го злоупотребуваат Министерството за партиски цели“, дециден е Руси.
Сепак, според него, вината не може да се генерализира или партиски да се балансира. Инцидентите имаат конкретни сторители во конкретни личности, чија професија не е етничката припадност. Треба да се разоткријат сторителите и челниците на политичките партии кои барале вакви активности од нив, вели Руси.
Разоткривање на „лошите момчиња“ кои учествуваа во изборните инциденти вчера побараа речиси сите меѓународни фактори во земјава. Од МВР најавуваат дека ќе бидат бескомпромисни спрема секого што бил инволвиран во инциденти. „Инсистиравме и ќе инсистираме на индивидуална одговорност. Нема да дозволиме поединци заради лични или политички интереси да го уриваат угледот на полицијата. За секого што ќе се утврди одговорност ќе следуваат санкции без разлика дали е влезен во МВР според Рамковниот договор заради правична застапеност“, вели помошник-министерот за односи со јавност, Иво Котевски. |