Стоиљковиќ мене ме навреди!

Соња Марковиќ

Измина повеќе од една недела откако се случи исценираниот скандал од страна на пратеникот Стоиљковиќ во Собранието, со кој тој ја обвини неговата колешка Шеќеринска дека ги избркала Србите од Македонија. Јас знам дека секој пратеник се бори за медиумски простор и секој сака да биде херој во својата земја, но господинот Стоиљковиќ одбра погрешен начин да го направи тоа. Предизвикување меѓуетнички конфликт и таму каде што го нема, е многу лошо. И тоа е лошо како за угледот на тој што го предизвикува, така и за државата во која тоа се случува.

Јас сум Македонка, мажена за Србин, но долго живееме во Македонија. Тука се родија нашите две дечиња, тука работиме, тука создаваме. Кога моето семејство го слави Св. Сава, на семејните славја кај нас секогаш е весело и радосно, затоа што никогаш не се конфронтираме за историјата, тоа им го оставаме на историчарите. Зборуваме за нашето секојдневје, зборуваме за катастрофалниот јавен превоз, зборуваме за мизерните услови во болниците за кои сите плаќаме, за сметките, кои од месец во месец се се' поголеми, зборуваме за поскапувањата, зборуваме за малите и нередовни плати. За тоа зборуваме, затоа што сме загрижени родители за иднината на нашите деца. Зборуваме, затоа што сакаме нашите деца да живеат во подобра Македонија, каде што има место за сите и Македонци, и Албанци, и Срби, и Власи и Роми...

Господине Стоиљковиќ, Вие сте на власт, решете ги овие проблеми. Србите во Македонија се згрозени од вашиот непромислен обид да ги конфронтирате со Македонците и да исценирате дека некој ги брка. Слушнав на вести дека барате госпоѓата Шеќеринска да не е повеќе претседател на Националниот совет за европска интеграција. Мојата поддршка како граѓанин ќе ја имате тогаш кога Вие лично ќе направите за Македонија толку колку што таа направила до денес. Повлечете се навреме, додека срамот е се' уште помал.

#