За нова кола за Трајановски - 100.000 евра
Градоначалникот Коце Трајановски в година ќе си купи нов службен автомобил во вредност до 100.000 евра. Ново возило му е повеќе од потребно, оти, како што велат од Град Скопје, „мерцедесот“ што сега го користи е амортизиран и постојано се сервисира.
За одлуката да си купи нов автомобил Трајановски доби едногласна дозвола и од Советот, но, сепак, дел од советниците му порачаа да биде поскромен во изборот на возилото. На располагање за нова кола за градоначалникот во буџетот за идната година се предвидени речиси 100.000 евра. Ова е максималната определена сума, но тоа не значи дека толку и ќе се потрошат за таа намена.
„На тендерот ќе учествуваат сите увозници на возила во земјава и најповолната понуда ќе одреди какво возило ќе се купи“, објаснуваат градските власти. Во одлуката е напомнато дека ќе се купи патничко моторно возило, дизел-седан со четири врати, минимум 180 киловати и работна зафатнина на моторот од 2.900 до 3.000 кубни сантиметри. (Дс.Т.) |