Љубовта спрема Тоше го обедини Балканот во Скопје
 фото ПЕТР СТОЈАНОВСКИ
Над 40.000 фанови присуствуваа на четиричасовниот спектакл со многу емоции и песна во чест ѕвездата
Web Update
01:00 06.10. - Во чест на Тоше повеќе од 40.000 посетители на големиот хуманитарен концерт заедно со Калиопи, Наум Петрески, Адријан Гаџа, „Синтезис", Симон Трпчевски, Аки Рахимовски, Леонтина, Бојан Маровиќ, Гоца Тржан, Тони Цетински, Билјана Крстиќ, Руслана, Жељко Самарџиќ и многу други ги испеаја „Иконо Моја", „Љубена", „Несаница", „Јовано Јованке", „Чија си"...

Повеќе од дваесет пејачи од девет држави пеeja на четиричасовниот спектакуларен концерт „Те сакаме сите, Тоше“ на Градскиот стадион во Скопје со многу емоции и сеќавања за прерано заминатиот идол.

Преносот од концертот беше ремитуван во живо на хрватската СМС, босанската ТВ Хајат, црногорската МБЦ, српските Пинк и Свет плус и бугарската Балканика.

Балканот се обедини - Тоше те сакаме (www.forum.com.mk)
Спектакл за да слушне и Небото (www.dragstor.mk)
Повеќе информации за овој настан во следното издание. Следува текстот од печатеното издание на „Утрински“:

Петти октомври 2008 година беше ден што триесетина ( и повеќе) илјади обожаватели на Тоше Проески го чекаа со трепет и возбуда за заеднички низ песна да му ја искажат уште еднаш љубовта, тагата, празнината во своите срца кон најмилата згасната македонска ѕвезда. Местото каде што нивните емоции се преплетуваа со чувствата и песните на дваесетина музички ѕвезди од Балканот, со кои Тоше соработувал или планирал соработка беше Градскиот стадион во Скопје. На истото место каде што минатата година се случи „разделбата“ на Тоше од публиката што искрено ја сакаше, за која никој тогаш не помислуваше дека тоа е „последната средба“.
Во името на љубовта на Тоше кон оние на кои им велеше „Ве сакам сите“, Меѓународната фондација „Тоше Проески“ и Министерството за култура на Република Македонија го организираа овој концерт, со хуманитарен карактер, со намера да стане традиционален и да се одржува секоја година на 5 октомври. Средствата собрани од влезниците за концертот, како и од јавувањата на хуманите телефонски броеви на сите мобилни и фиксни оператори во Македонија, Фондацијата „Тоше Проески“, по концертот, ќе одлучи каде ќе бидат донирани, по разгледување на случаите на кои им е најнеопходна хуманитарната помош.
Во чест на Тоше, во Скопје допатуваа дваесетина музички ѕвезди од Балканот, како и бројни новинарски екипи, за да бидат дел од пораката што му ја упатуваат вљубениците во ликот и делот на Тоше, една година по неговото болно заминување - „ Те сакаме сите, Тоше!“ |