02.01.2012, 18:47

Аманетот на Претседателот

Европа е нашиот дом и Македонија ќе стане рамноправна членка на НАТО и ЕУ се тестаменталните пораки на Киро Глигоров

Ерол Ризаов


Со претседателот Киро Глигоров работев повеќе интервјуа. Првиот разговор беше како со познат политичар пензионер и немаше никаква најава, ниту помисла да стане претседател на самостојна Република Македонија. Барем јас така мислам, беше тоа на негова 73-годишна возраст. Во редакцијата на „Нова Македонија“ разговаравме повеќе денови, обично за време на викендите во периодот август-септември 1990 година. Бурно време, кога се' уште Југославија беше цела, но прилично се тресеше. Распадот беше на повидок. Тоа беше невообичаено и атипично интервју од 13 продолженија на речиси 60 страници. Мислам дека првпат македонската јавност откри посуптилни детали за неговиот живот и за неговата политичка кариера. Можно е Киро Глигоров да имал некаков план да се вклучи во политичкиот живот на Р. Македонија, во што ме убедуваа луѓе кои добро го познаваат, но јас не добив таков впечаток. Некои го доживеаја тоа интервју како негова политичка кандидатура, а имаше и кои мислат дека тоа е осмислена уредувачка политика на „Нова Македонија“ за негова промоција за претседателски кандидат. Дури имав и забелешки дека се работи за злоупотреба на просторот од мојата уредничка позиција во прилог на еден политички амбициозен пензионер.

Последните разговори со претседателот Глигоров со колегата Виктор Цветановски ги водевме со денови во Скопје и во Охрид во период од повеќе месеци. И повторно како пензионер овој пат веќе во длабока старост, но се' уште со одлична меморија. Имаме снимен материјал од над 300 страници кој нигде не е објавен со извонредно значајни детали и историски искажувања на Претседателот Глигоров. Тој со големо интересирање нестрпливо го исчекуваше епилогот од тој разговор во форма на книга и фељтон што има според наши согледувања значење на завет или, попрецизно кажано, на аманет кон граѓаните на Македонија иако лично сметаше дека тоа е претенциозно така да се каже. Но, неговите последни пораки звучат навистина како своевиден тестамент.

Од сите овие средби и разговори и уште неколку интервјуа за време на неговото претседателствување и присуството во негова близина на крупни историски настани за Македонија, неколку непредвидливи ситуации при средби со големи државници, но и пред носење деликатни одлуки, гледано од аголот на еден новинар, со мирна совест можам да кажам дека Македонија во најзначајниот период на своето осамостојување имаше претседател, голем и мудар државник, кој бродот Македонија успешно го водеше низ разбранувано море кон мирно пристаниште. Граѓаните на Република Македонија препознаа во Глигоров вистински лидер и визионер што ја туркаше Македонија во правилна насока и ги забрзуваше демократските процеси. Затоа почитта кон него уште за време на неговиот живот беше огромна, дури и во пензионерските денови на длабока старост.

Во оваа пригода издвојувам два одговора од последниот и од првиот разговор со Претседателот Киро Глигоров кои имаат визионерски пораки за Македонија.

Дали Вашиот аманет за Македонија, всушност, е да се работи интензивно за влез во НАТО и во ЕУ?

„Богами со сите сили. Нема да се случи Македонија сама да вмаршира во НАТО и во ЕУ. Тоа треба да се одработи. Македонија ќе стане рамноправна членка на НАТО и на ЕУ, но на тој пат ќе има перипетии. Треба да се држиме до Привремената спогодба, таму има еден член што ни овозможува членство со привременото име. Треба цврсто да се држиме до тоа. Битката за уставното име ќе ја добијат други генерации, но ќе ја добијат. Но, мора да се знае и тоа дека ниту во ЕУ ниту во НАТО не ќе тече мед и млеко. Ќе мора многу да работиме и да учиме. Треба да се држиме до науката и до работата. Кога ќе стасаме до Европа, и натаму ќе се соочуваме со голем број други тешкотии и проблеми, но Македонија ќе биде на добар пат. Јас верувам во тоа. Македонците, заедно со сите етнички заедници ќе ја зачуваат својата држава, идентитет и јазик и ќе обезбедат прогрес на идните генерации. Сите други работи се помалку значајни“.

И еве го прашањето и одговорот на Киро Глигоров поставено во август 1990 година кога беше пензионер и кога Југославија се' уште беше цела:

Европската ориентација во согледувањето на македонската држава е битна и ако сите во Југославија, па и на Балканот тргнеме во таа европска димензија, можеби договарањата ќе бидат полесни?

„Ние мора да живееме на оваа почва заедно и да најдеме некоја заедничка платформа. Значи, од таа гледна точка тешко е сега да се зборува или федерација или ништо, или, пак, конфедерација или ништо, доколку воопшто луѓето кога зборуваат за федерација или конфедерација, сите зборуваат со исто сознание и со исти параметри, што е едното, а што е другото. Македонија во тие разговори треба да влезе со отворени очи и со подготвеност да се разговара за сите прашања, да се бара сето она што максимално би ги заштитило интересите на македонскиот народ и на македонската држава, од една страна, и да имаме разбирање, од друга страна, за сето она што може да доведе до позитивен исход, интересите на македонскиот народ и неговата сувереност да бидат респектирани... Бидејќи е отворена држава, ќе има полно право да пледира и за отвореноста на соседните држави. На тој начин треба да се бара решението на македонското прашање...

Не смееме да дозволиме како резултат на пооптимално решение за иднината да дојде до нови поделби, до граѓански војни и пресметки. Секое одделно прашање во такви глобални рамки бара согледување. Не смееме да останеме без сопствена програма, но програма која ја согледува сегашноста и иднината на Македонија, пред се', со полно уважување на сите реалности што постојат во светот и тенденциите карактеристични за тој свет. Тоа не е светот ниту пред Првата ниту пред Втората светска војна. Не смееме да живееме ниту со начинот на решавање на македонското прашање, на македонските интереси како што било во 19 или првата половина на 20 век, а да не уважуваме дека многу работи се промениле во рамките на Европа. А, таа е наш дом“ (Објавено во „Нова Македонија“ 9.10.1990 год.)

Ете тоа се последната и првата порака на Глигоров за нашиот нов дом Европа кои навистина се тестаментални. На Македонија останува да го исполни аманетот на својот прв претседател кој целосно се совпаѓа со желбите на повеќе генерации граѓани на Македонија.