Директорот бил чист, Јанакиески, сепак, ќе чешла

Во случајов единствено може да се постави прашањето за потеклото на парите на Јованов

Деспина Трајковска

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, лично ќе инсистира да се преиспита продажбата на државната парцела под Кале за изградба на хотел на Марјан Јованов, директор на владината Дирекција за нафтени резерви. Иако Јанакиески смета дека целата постапка била транспарентна, по реакциите во јавноста, тој вчера најави дека ќе ги ангажира надлежните институции да проверат дали се испочитувани сите правни постапки при отуѓувањето на земјиштето на директорот именуван од Владата.

„Лично ќе се заложам да проверам дали постои конфликт на интереси, дали се запазени сите правни процедури. Инаку, сметам дека постапката е транспарентна. Често на наддавањата се присутни и медиумите, а законот дозволува на наддавањето да учествува секое правно или физичко лице“ изјави вчера Јанакиески.

Јованов, пак, кој дента на продажбата за медиумите единствено потврди дека тој бил избран за најповолен понудувач за атрактивниот плац, вчера не одговори на телефонските повици за да ги коментира најавите на министерот.

Но, од Антикорупциска комисија потенцираат дека работата е чиста, Јованов без оглед на неговата функција, имал право да учествува на лицитацијата. Истото го коментира и Слаѓана Тасева, претседателка на невладината „Транспарентност-нулта корупција“, која вели дека нема основа за судир на интереси.

„Без оглед што Јованов е владин функционер, тој како и секое друго физичко или правно лице имал право да учествува на наддавањето. Случајов речиси е ист како да си купи кола. Не постои никаков судир на интереси ниту, пак, има пропусти во постапката. Во случајов, единствено може да се постави прашањето за потеклото на парите на Јованов, односно неговата финансиска моќ пред стапувањето на функцијата и сега. Од друга страна, пак, предмет би можел да се отвори доколку постојат индиции за блиски врски на Јованов со понудувачот на земјиштето“ објаснува Тасева.

Инаку, Јованов на лицитација, на која учествуваа повеќе понудувачи за парцелата за хотел за која почетна цена од квадрат изнесуваше 1 евро, понуди најмногу, односно 2.500 денари. Вкупно за парцелата од 8.745 квадрати тој треба да плати 358.400 евра во рок од 15 дена од одржувањето на лицитацијата.

Ова е една од неколкуте досега продадени државни парцели за хотел или за индустриски намени низ државава за која почетната цена за еден квадрат земја изнесува само 1 евро. Токму владината одлука за намалување на продажната цена наиде на остри критики на дел од јавноста, која укажуваше дека така се остава простор атрактивни парцели да се продаваат по незначителни суми, и тоа на лица блиски до владејачката гарнитура.

Токму парцелата за која Јованов понуди најголема сума се продаде во втор обид. Првиот пат парцелата се продаваше многу поскапо и тогаш немаше ниту еден заинтересиран купувач, па лицитацијата не се ни одржа.

Инаку, Марјан Јованов, пред да стапи на новата функција во Дирекцијата за нафта, беше директор на некогашната Дирекција за слободни економски зони. И на таа како и на актуелната, Јованов беше именуван од страна на Владата.

Македонско-турска компанија ќе гради згради во Аеродром
Државата и вчера продаде земја. Овој пат намената е за изградба на станбени згради со деловен простор во скопската општина Аеродром. За парцелата од 2.996 квадратни метри, за која почетна цена за квадрат изнесуваше 4.600 денари, најмногу понуди „ЕН-СА-ИНГ“ ДОО увоз-извоз од Скопје. Компанијата, во која има турски капитал, ќе треба да искешира вкупно 55.426.000 денари за парцелата, или малку над 900 илјади евра, односно за еден квадрат таа понуди 18.500 денари, или 300 евра.

Преку скопската фирма, всушност, пробив во македонскиот пазар ќе направи „Туркет“, турска транспортна компанија, за која ова ќе значи влез во државава на пазарот на градежништво дури во вториот обид. На Турците за влакно им избега земјиштето спроти Соборниот храм во Скопје, кое неодамна се продаде по цена од дури 3.000 евра за квадратен метар. (Дс.Т.)


#