29.12.2011, 15:08

Фондот за здравство со повеќе средства за лекови во 2012



ФЗОМ ќе направи редистрибуција на доделените квоти по аптеки (за лекови на рецепт), односно средствата од аптеките кои имаат помала реализација на квотите да ги прераспредели на аптеките кои целосно ја реализирале квотата. Од распределените за 2011 година 2,3 милијарди денари (10 отсто од буџетот на Фондот за лекови на рецепт) искористеноста на средствата изнесува 74 отсто на ниво на Македонија.

Кај аптеките кои се наоѓаат на фрекветни места средствата се трошат побрзо од предвидениот рок за искористеност месечно од 30 дена. Затоа Фондот одлучи да направи редистрибуција на средствата, информира денеска директорот на Фондот, Маја Парнарџиева Змејкова на средба со новинарите.

За тие аптеки и за 24 нови се предвидени дополнителни 14 милиони денари.

Во јануари, Фондот ќе обезбеди средства за лекови на рецепт за над 751 аптека со вкупна месечна квота во износ од 172,3 милиони денари (од кои 3,6 милиони се за новите аптеки и 168,7 милиони денари се за старите аптеки).