Интервју

Ветото за НАТО беше лоша одлука

Педро Аграмунт, известувач во Советот на Европа за користењето на уставното име на Македонија

Од нашиот дописник
Тони Гламчевски


Стразбур - Господине Аграмунт, Вие бевте известувачот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (СЕ) за користењето на уставното име на Република Македонија во СЕ. Во Вашиот извештај предложивте и тоа беше прифатено Советот на Европа не треба да се меша во ова прашање. Зошто ја зазедовте оваа позиција?

Верувам дека е многу, многу важно да се постигне договор меѓу Грција и Македонија. Не може да се наметне една одлука надвор од волјата на двете земји. Кога станува збор за донесување чувствителни одлуки за соседни земји и кои имаат не само политички туку и заначајни трговски и економски односи, меѓународната заедница не се наоѓа на добар пат. Тука го вклучувам и Косово. Мислам дека конкретните страни се тие кои треба да бидат задолжени да постигнат договор.



Од објавувањето на Вашиот извештај во февруари годинава до денес се случија промени по прашањето за името. На самитот на НАТО во Букурешт, Грција стави вето на приемот на Македонија поради името. Дали ова беше добар избор од грчка страна и дали можеше да се избегне ветото?

Кога го изработив мојот извештај реков и напишав дека постои опасност Грција да се спротивстави на членството на земјата не само во НАТО туку и во други меѓународни организации, бидејќи таа го има тоа право според договорите. Навистина, тоа е штета. Мислам дека тоа е лоша одлука, но проблемот е во тоа што треба да се постигне договор. Навистина во изминатите десетина години Грција беше многу затворена и не прифаќаше никакво решение за името на Македонија. Исто така, констатирав дека сега во Грција постои расположение да го прифати името Македонија со една додавка. Македонија е таа која сега не сака друго решение, освен Република Македонија. Не сакам да сугерирам, но мислам дека едно решение како „Република Нова Македонија“ или нешто слично може да се најде, постојат повеќе вакви примери во меѓународната номенклатура.

Познавајќи ја грчката позиција, можам да кажам дека таа е многу пофлексибилна. Затоа сум изненаден од позицијата на македонската Влада, која е многу непопустлива, таа треба да се отвори за да се избегнат проблемите како ветото, зашто меѓу Македонија и Грција има исклучително значајни трговски и економски односи. Грција е првиот инвеститор во Македонија, затоа сметам дека е евидентно оти треба да се најде решение. Тие се соседи осудени меѓусебно да се разбираат. Затоа двете страна треба да направат напори за да се дојде до заедничко решение.



Ако грчкото вето дојдеше пред завршувањето на Вашиот извештај, дали нешто ќе беше изменето во него или не?

Не, не. Како што реков, во извештајот грчките власти јасно дадоа до знаење дека проблемот со името може да ги наведе да заземат такви позиции. Тоа е чувствително прашање во двете земји, затоа треба да се најде решение, јас сакам да се направи тоа, но не сум јас тој што ќе го направи тоа. Јас направив напори за да го разберам проблемот и во извештајот да ги пренесам позициите на двете страни. Сепак, решението треба да го донесат двете земји, тоа е билатерално прашање.



Во Вашиот извештај рековте дека прв пат во историјата една држава и' наметнува или условува на друга држава за нејзиното име.

Да, не постојат други такви случаи. Името „Поранешна Југословенска Република Македонија“ е навистина смешно, но самото име „Република Македонија“, никогаш не било користено во историјата, никогаш. Таа беше Социјалистичка Република Македонија, но никогаш само Република Македонија, во моментот кога таа одлучи да се вика само Република Македонија во тој момент Грците се спротивставија, бидејќи Македонија е огромен регион од кој еден дел и' припаѓа на Грција, на Република Македонија, дел на Бугарија и еден мал дел на Албанија, сите треба да се именуваат со различно име, бидејќи постојат можности за нивно мешање. Ги сфаќам причините на Грците, но исто така и на Македонците кои го сакаат името на нивната земја, а не име како ФИРОМ. Мислам дека е можно да се најде решение.



Една од причините поради кои се одбива промената на името во Македонија е тоа што со промената на името се поставува и прашањето за идентитетот.

Тоа би било оправдано како стравување, ако во решението не се најде името Македонија. Но, во моментов не постојат проблеми околу името Македонија, како име тоа е прифатено од Грците, но треба само да се додаде нешто на името Македонија. Значи, не постои проблемот со идентитетот ако на пример таа се вика „Нова Македонија“ или „Македонија-Скопје“. Но, потребно е да се најде нешто кое ќе ја разликува земјата од регионот кој е многу поголем од земјата.



Дали денес ситуацијата на Балканот е посложена од тоа што беше пред неколку месеци, по прогласувањето на независноста на Косово?

Да! Да! Ситуацијата не е иста, таа е многу позагрижувачка кога станува збор за Косово во споредба со прашањето за името на Македонија. Јас не сум приврзаник на независноста на Косово. Мислам дека меѓународните организации и, пред се' европските земји и ЕУ направија огромна грешка што прифатија едно решение кое не беше прифатено од Србија. Требаше да се изнајде решение меѓу Србија и Косово. Наметнатото решение од Косово со едностраното прогласување независност, прифатена од повеќе европски земји е голема грешка. САД ја наметнаа нивната волја, без притоа да водат сметка за вистинските европски интереси. Значи, се наметнати американските над европските интереси, бидејќи САД не ја разбираат ситуацијата во Европа, но тие совршено го разбираат она што им одговара. Не е вистина кога се вели дека случајот на Косово ќе биде единствен изолиран таков случај. Тоа ќе стане и веќе стана огледало за многу региони во Европа и пошироко за сличен пристап кон нивната политика, не само во Шпанија, каде што автономната регионална влада на Баскија веќе зборуваше за примерот на Косово. Во Франција тоа може да се случи со Корзика или Бретања. Слично може да биде и во Италија или во Германија итн. Тоа е ситуација која не е добра за Европа. Можеше да се најде друго решение ако се извршеше притисок.



Дали Балканот е сега дестабилизиран?

Да, Србија е незадоволна и таа не ја прифати одлуката за Косово, ако ја прифати мирно независноста на Црна Гора. Тоа донесе нови проблеми во регионот кои и така ги има многу. Иднината за регионот е сите земји од Балканот да бидат прифатени во Европската унија, но по нормален пат, а не вака.



Дали сте оптимист за иднината на Балканот?

Да, јас сум оптимист за иднината на Балканот и за иднината на Европа. Иднината е во една обединета Европа.