Императорот Калигула во Скопје

Благој Гајдов, Скопје

Како деца во основните и во средните училишта не учеле дека историјата не се повторува што е потврдено многупати ако се проучуваат разните периоди низ кои поминувала цивилизацијата до денешен ден. Тоа тврдење е искажано со два збора во латинската поговорка - панта реи, односно - се' тече се' се менува. Од бурната историја на Римското Царство, кое се протегало од Шпанија до Блискиот Исток и од историјата на нашиот војсководец Александар Македoнски од Балканскиот Полуостров до Хималаите, запаметени се и запишани како документи само најзначајните настани што оставиле печат на тоа време и од кои сега ние се едуцираме и се восхитуваме.

Во тие настани се издвојуваат најпозитивните, но и најлошите, па така се добива целосна слика за одделни историски периоди од минатото, па се' до денес. Секако дека во разни периоди се издвојуваат екстремните настани што ги бележи историјата со посебно внимание. Едно од тие збиднувања со посебно внимание е забележано во историјата на Римското Царство, и тоа во почетокот на новата ера односно, по Христа.

Станува збор за императорот Гај Џезар Калигула, кој живеел во периодот од 12 до 41 година од новата ера, а владеел со Рим од 37 до 41 година. Како мал, се разболел и ментално имал проблеми што се одразиле на неговото владение, кое се смета за едно од најекстремните однесувања како во државниот, така и во приватниот живот, бидејќи живеел со неговата сестра Друсила, која ја прогласил за божица по нејзината смрт и секако дека најглавен настан по кој се памети императорот Калигула е неговиот коњ. Бидејќи имал неограничена моќ и бил бескрупулозен кон своите најблиски во сенатот на Рим го донел неговиот коњ и го прогласил за сенатор. Тоа е единствен случај некое животно да добие толку висока титула, а за неговата лудост во 41 година му пресудиле неговите војници, го убиле одејќи на некоја приредба во колосеумот и го назначил за император неговиот чичко Клаудиј. Секако дека се прашувате зошто е толку голем уводот на овој допис, но за да се опише еден наш денешен настан, не е лошо да се потсетиме на историјата и со тоа да констатираме дека историјата не се повторува, но лудоста и глупоста се провлекуваат низ векови се' до денешен ден.

Одлуката на нашата Влада да го финансира проектот „Скопје 2014“ со сите нишани што се предвидени и што се реализираат деновиве треба да се стават под голема лупа, но, за жал, сите работи се одвиваат по онаа народната - кучињата лаат, карванот си врви и денес по 2.000 години можеме да констатираме дека императорот Калигула дошол меѓу нас во Скопје. Да се проектира, да се одлучи, да се изведе објект во центарот на Скопје за 3,5 милиони евра во вид на Триумфална капија за мене претставува настан како што императорот Калигула го довел својот расен коњ во сенатот во Рим во 40 година од н.е.!, односно пред 2.000 години, ашколсун, што би рекле Турците со големо „А“. Не сум свесен кој може да ја предложи оваа идеја за изградба на ваков триумфален објект што ќе го нагрди толку убавиот поглед кон центарот на Скопје, но тој треба да е некој феномен и итно да се предложи за најлуд човек на планетава со некоја посебна награда за лудост. Не дај боже да му текне на некој од гарнитурава на власт да го имитираат императорот Нерон, па да го запали Скопје и да го гледа од Водно како гори, и тоа се' за доброто на народот.

Таква триумфална капија сум видел на наши простори во градот Пула во Истра, која е изградена од императорот Веспазијан во 2 век од н.е. заедно со амфитеатарот и има некоја смисла за градбата зашто под таа капија поминувала победничка војска по освоени битки. Се поставува прашање - кој ќе поминува под нашата капија. И на крајот би завршил со зборовите на Господ, кој им рекол на војниците што го распнувале: „Господи, прости им зашто не знаат што прават“.

#