Во пензија со 67 години?
Јасмина Јовановска
Во пензија жените ќе заминуваат со навршување на 65 години, а мажите со 67 години старост. Вакви информации се' повеќе кружат во јавноста, а особено во судски и професорски кругови, од каде што велат дека Владата се' повеќе размислува за порестриктивни услови за пензионирање на вработените, поради тоа што пензиската каса е се' попразна.
Се зборува дека се прават анализи колку лица би се пензионирале доколку се зголеми старосната граница за пензионирање и колку со пролонгирање на пензионирањето ќе заштеди државата, но и пензискиот фонд. Надлежните пак, категорички негираат дека Министерството за труд и социјална политика подготвува измени во единствениот старосен услов за пензионирање, иако потврдуваат дека во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) се прават калкулации колку лица би се пензионирале со 65 години старост за жени и 67 години за мажи.
„Вакви анализи се прават редовно секоја година“, тврди заменик-министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристески, кој демантира дека Владата подготвува какви било измени кај условите за пензионирање. „Точно е дека се прави анализа во ПИОМ, но тие се дел од редовните анализи што ги бара и Светска банка и со кои се мери успешноста на реформите во пензискиот систем“, објаснува Ристески. Покрај редовни анализи за процена и прогноза колку вработени би заминале во пензија со актуелниот услов за пензионирање: 62 години за жените и 64 за мажи и колку новите пензионери ќе ја чинат државата, заменик-министерот Ристески објаснува дека се изработуваат анализи со повисока возраст за пензионирање од законски утврдената за да се прават споредби со другите земји од ЕУ и да се согледа колку се успешни и каде треба да се движат вториот и третиот пензиски столб.
И од пензискиот сектор на Министерството за труд и социјална политика демантираат дека подготвуваат анализи за воведување поинаков услов за остварување на старосна пензија преку зголемување на старосната граница за пензионирање.
Во ПИОМ работи единица, која преку актуарски модел прави краткорочни и долгорочни проекции на приходите и расходите на Фондот врз основа на очекуваните демографски и економски развојни трендови и нивни варијации, во зависност од различните претпоставки за политиката на пензии, објаснуваат од пензискиот сектор. „Актуарскиот модел за предвидување го проектира идното функционирање на задолжителниот пензиски систем. Моделот ги табелира ставките од буџетот на годишно ниво (приходи, расходи, дефицит или суфицит), како и различни други статистики, вклучувајќи проектирање на бројот на осигуреници и пензионери, просечна пензија и просечна заменска стапка. Со моделот може да се следи и развојот на вториот столб (капитализираната компонента на пензискиот систем) и ги табелира проектираните средства во вториот столб, придонеси и ануитети за новите пензионери“, додаваат креаторите на пензиската политика.
Од ПИОМ, пак, не може да се добие никаква информација дали и зошто се прави ваква анализа, како да станува збор за државна тајна.
„Доколу има таква анализа, тие се прават наменски“, смета ексминистерот за труд и социјална политика, Љупчо Мешков. „Секогаш кога немало пари во пензиската каса, решение се барало во порестриктивни мерки за пензионирање“, укажува Мешков, кој, сепак, не знаеше дали и овој пат е така.
Доколку се измени условот за пензионирање, вработените ќе умираат без да стасаат да се пензионираат. Најмногу ќе бидат погодени работниците од текстилната и од другите индустрии и оние што работат во производство и во смени. Поголемиот број од нив работат од своето полнолетство, па со зголемување на старосната граница за пензионирање ќе бидат принудени на работа да одат со бастуни. Со пролонгирањето на пензионирањето, ќе се зголемува и бројот на невработени, сметаат стручњаците и додаваат дека пребрзо се' оди со реформите во зголемувањето на старосната граница за пензионирање.
Според актуелниот закон, пензија може да добијат вработени што ќе навршат 62 години старост за жени и 64 години за мажи. Претходно, освен старосниот услов, во пензија можеше да се оди и со работен стаж, и тоа 35 години за жени и 40 години за мажи, но сега тие се укинати. Укината е и предвремена пензија, и тоа 30 години работен стаж и 50 години старост за жени и 35 години работен стаж и 55 години старост за мажи.
Во Европската унија, најчесто во пензија се заминува со наполнети 65 години старост. Исклучок е Франција, каде што мажите и жените се пензионираат со 60 години, но таму нема предвремена пензија. Во неколку земји жените се' уште може да се пензионираат со 60 години. Во Германија, Грција, Шпанија, Португалија, Финска, Ирска, Шведска, услов за пензија се 65 години како за мажи така и за жени. Во Белгија, пак, ист услов за пензионирање 65 години, како за мажи така и за жени е од пред две години, а дотогаш жените можеле да заминат во пензија со 62 години. Во Велика Британија и во Австрија мажите можат да одат во пензија со 65 години, додека жените со 60 години. Во соседството, пак, во Србија во пензија се заминува со 60 години старост за жени и 65 години за мажи. |