Бивш новинар ќе му плаќа 17.000 долари на газдата

Иван Бојаџиски


ШТИП - Драган Ристов, поранешен новинар и главен и одговорен уредник во радио Канал 77, ќе мора да му плати на Горан Гаврилов, сопственик на ова радио, 17.000 долари поради неисполнети договорни обврски. Вака пресуди Основниот суд во Штип, во спорот по тужбата на Гаврилов против Ристов. Незадоволен од пресудата, која ја смета за скандалозна и невтемелена на законот, Драган Ристов преку својот адвокат ја обжали пред Апелациониот суд во овој град.

Настанот, кој може да го доведе новинарот Ристов пред целосен банкрот, а кој сега работи во кабинетот на штипскиот градоначалник, датира од 2007 година. Тогаш амбасадата на САД во Македонија објавила јавен оглас за едукација на новинари во таа земја. Ристов бил избран меѓу првите пет новинари од Македонија што ги задоволувале строгите критериуми на Американците. Но, за да оди на едукација во траење од девет месеци Ристов прво морал да потпише договор со сопственикот на Канал 77 дека во радиото ќе остане две години по враќањето од САД, односно до 16 август 2009 година.

„Гаврилов се послужи со невистини настапувајќи пред судот со договор од кој јасно се гледа дека со молив, по 2009 година, е додадено 2010 година како време до кое морам да останам на работа кај него. Станува збор за очигледен фалсификат на службен документ, за што кривично се одговара. Од договорот отстапив само еден месец, односно дадов оставка од функцијата главен и одговорен уредник во јули 2009 година, а договорот ми беше до август истата година. Причина да си заминам од радиото беше секојдневната тортура што врз мене ја вршеше Гаврилов. За тие девет месеци додека бев во САД од радиото не ми е исплатена плата што е, исто така, дел од тужбеното барање на газдата на Канал 77“, вели Ристов.

Гаврилов тврди дека го испратил Ристов во САД за да се едуцира во однос на менаџирањето, со идеја да го унапреди во раководител на неговата ГБЦ фирма. „За тие девет месеци додека беше на едукација редовно му исплаќав плата како да е на работа. Но, кратко време по враќањето од САД Ристов ме информира дека сака да си оди бидејќи постоеле услови да се вработи во локалната самоуправа. Јас му укажав на последиците на кои се изложува согласно со потпишаниот договор, но тој остана цврст во намерата да си замине“, објасни Гаврилов пред судот.

Новинарот Ристов ги демантира сите наводи на поранешниот работодавец. „Откако во јули 2009 година се раздолжив во фирмата на Гаврилов и поднесов барање за отказ, ги побарав сите мои документи. Но, Гаврилов не го стори тоа, па морав да побарам ангажман на Трудовата инспекција за да го остварам уставното право на вработување. И покрај се', документите не ми беа вратени“, тврди Ристов.

Во историјата на македонското новинарство ова е највисока казна што еден новинар мора да му ја исплати на својот газда, под услов ако повисоките судови не ја преиначат или ја вратат на повторно судење.


#